|

Шефот на американската дипломатија го предупреди Израел: Нападот на Рафах дополнително ќе ве изолира

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен денеска го предупреди Израел дека офанзивата на градот Рафаh на југот на Појасот Газа може дополнително да го изолира и да му наштети на неговата долгорочна безбедност.

Зборувајќи со новинарите на заминување од Израел, американскиот висок дипломат рече дека одржал „искрени разговори“ со израелските лидери, вклучувајќи го и премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Тој по средбата со Блинкен најави дека Израел е подготвен сам да ја продолжи војната против Хамас, во време на тензии со САД околу конфликтот во Газа, кој влегува во шестиот месец.

Американскиот државен секретар рече дека Вашингтон стои со Израел во неговата цел да го уништи Хамас и да ја обезбеди неговата долгорочна безбедност, но дека „голема копнена воена операција во Рафах“ не е начин.

„Со ова се ризикува убиство на повеќе цивили. Постои ризик да предизвика уште поголем хаос во обезбедувањето хуманитарна помош. Постои ризик од дополнителна изолација на Израел во светот и загрозување на неговата долгорочна стабилност и позиција“, смета Блинкен.

Американскиот претседател Џо Бајден се договори со Нетанјаху дека израелска делегација ќе го посети Вашингтон следната недела за да разговара за планот за Рафах.

„Ќе можеме детално да им објасниме како овие цели можат најдобро да се постигнат со интегриран хуманитарен, воен и политички план“, рече Блинкен.

„Сето тоа ќе го ставиме на маса. Се разбира, ќе ги слушаме и нив“, додаде тој.



Слични Објави