| |

ШЕКЕРИНСКА НА ОТВОРАЊЕТО НА ШКОЛАТА ЗА ОДБРАНА: НАТО СТАНА СИНОНИМ ЗА ДЕМОКРАТСКИ ВРЕДНОСТИ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска се обрати на отворањето на 15-дневната Школа за одбрана, безбедност и НАТО интеграции, организирана од Евроатлантскиот совет на Македонија, а поддржана од Министерството и од НАТО-секторот за јавна дипломатија.

„Дипломатската офанзива која ја спроведовме кај нашите партнери изминатата година, големиот опсег на реформи дома, не само во одбранбениот сектор, туку, пред сè во политичкиот сектор, како и затворањето на сите отворени прашања со нашите соседи се вистински доказ дека Владата навистина смета дека НАТО – интеграцијата за Македонија е предуслов за безбедност и за развој“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека со членството во Алијансата, Македонија пристапува кон моќен сојуз кој што се базира на вредности, како што се владеењето на правото, демократските принципи и демократските начела во владеењето.

„Граѓаните на Република Македонија дадоа многу силна поддршка за промени во нашата држава кои што ќе ги подразбираат токму овие вредности и принципи. Граѓаните дадоа поддршка за ставање крај на една епоха за самоволие и почеток на едно поглавје каде граѓанинот ќе биде на прво место. Сега сме во фаза во која сите заедно треба да одлучиме. Референдумот му дава моќ на секој од нас да се изјасни по даденото прашање, но тој создава и одговорност за секој од нас“, посочи министерката.

Шекеринска се осврна и на фактот дека безбедноста во Македонија и во светот е под многу посложени, покомплексни и невидливи закани – насилниот екстремизам, сајбер-заканите, ширењето на дезинформации и лажни вести и дека самостојно ниту една држава сама не може да се носи со овие закани.

„ Членството во НАТО дава одговор и на новите предизвици, дава одговор и на актуелните безбедносни ризици. Насилниот екстремизам е на врвот на приоритетите на Алијансата и земјите членки заедно работат на неутрализирање на сите канали низ кои тој се шири и функционира. Сајбер – доменот од 2015 година е поле на делување за НАТО, исто како и копното, воздухот и водата и се третира подеднакво… Не е лесно во медиумскиот простор да се борите против лагите и дезинформациите, зашто денес во медиумскиот простор многу е поважно да се биде прв, отколку во право. Но, заедно можеме подобро да се справуваме со овие ризици и заедно можеме да бидеме поефикасни во борбата со овие предизвици“, рече министерката.

Во однос на придобивките од членството во Алијансата, министерката ги спомена економските резултати на земјите, пред и по зачленувањето во НАТО.

„Ако ја погледнеме Бугарија, ако ги видиме бројките пред и по влезот во НАТО ќе видите дека секој од економските параметри бележи нагорна линија, без исклучок. Не случајно странските директни инвестиции по зачленувањето во НАТО пораснале на 19,7%, односно речиси три пати. Највидлив и најнеодамнешен е примерот со нашите колеги од Црна Гора. Странските директни инвестиции од земјите-членки на НАТО за само една година се зголемени речиси 2,5 пати, веднаш по членството во Алијансата“, истакна министерката. Дополни дека ваквиот квантен скок е резултат на фактот дека бизнисот сака предвидливост и дека бизнисот цени кога таква гаранција доаѓа преку членството во НАТО. „Бизнисот се развива исклучиво кога сигурноста и стабилноста се целосно гарантирани. НАТО навистина стана синоним за стабилност, безбедност но и економски просперитет“, истакна Шекерниска.

Во однос на претстојниот референдум, министерката посочи дека кога се критикува еден државен проект поддржан од огромно мнозинство граѓани без да се понуди алтернатива, тоа не е чин на одговорност кон сопствената татковина. „Очекуваме во следниот период сите политички партии, сите граѓани, сите оние кои и сакаат добро на својата татковина да ја погледнат ситуацијата со државнички и одговорен став кон нашата иднина и нашата татковина.

„Имавме тешки премрежја и болни предизвици, решававме прашања кои е тешко да се постават, а уште потешко да се одговорат, но секогаш постапувавме имајќи ги на ум стратешките интереси и идните генерации“, рече министерката Шекерниска, и дополни дека интеграцијата не оди на сметка на нашиот идентитет, туку го зацврстува идентитетот на државата, идентитетот на народите кои живеат во државата, идентитетот на Македонците.

Министерката порача дека изборот на 30 септември не е прашање на историја, туку прашање на иднина и во тоа име повика да се фокусираме на младата генерација во Македонија за да има шанса да влијае на својата татковина и да не се занимава со истите проблеми кои се актуелни веќе 30 години.

Слични Објави