| |

ШЕКЕРИНСКА ПРЕКУ ПИСМО ДО МИНИСТРИТЕ ЗА ОДБРАНА НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ ВО НАТО ПОБАРА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА

Mинистерката за одбрана Радмила Шекеринска испрати писмо до министрите за одбрана на 29-те земји членки на НАТО, барајќи поддршка за Македонија, на Самитот на Алијансата во јули, со цел нашата земја да добие покана за членство во НАТО.

Еве што пишува Шекеринска до своите колеги во НАТО:

„Ви пишувам по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75% од нашите граѓани“, пишува министерката.

Со приемот на Македонија во НАТО ќе се консолидира демократијата во регионот, ќе се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот и ќе биде поставен позитивен пример за Западниот Балкан – стои во писмото. Министерката потсетува дека Македонија направи крупен исчекор во согласност со препораките од Самитот на НАТО во Варшава во подобрувањето на добрососедските и меѓуетничките односи, во владеењето на правото, слободата на медиумите, кредибилните избори и независноста на судството. Работата на тие реформи ќе продолжи“.

Шекеринска го дава како пример и Договорот за добрососедство со Бугарија и наведува дека истиот принцип е „повторен во решението на спорот со Грција, и убедени сме дека нашето партнерство со Атина следните години ќе се продлабочува“.

„Сега ни е потребна вашата поддршка повеќе од секогаш. Во согласност со одлуката на Самитот во Букурешт во 2008, сега откако е постигнато заеднички прифатливо решение на спорот за името, очекуваме покана за членство во НАТО“, пишува Шекеринска.

 

Слични Објави