| |

Шест месеци од трагедијата во Кочани – помен за жртвите од пожарот во „Пулс“

Во Кочани денеска наместо „Марш за ангелите“, ќе се одржи црковен помен на вечните почивалишта на жртвите од големиот пожар во дискотеката „Пулс“, што се случи ноќта меѓу 16 и 17 март 2025 година.

Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а 193 беа повредени. Тоа е најсмртоносниот пожар во историјата на Северна Македонија и најтежок во Европа по несреќата во клубот „Колектив“ во Романија (2015). Пожарот беше предизвикан од пиротехнички средства, а истрагата откри сериозни системски пропусти: недостиг на излези, нерегуларни дозволи и пропусти во инспекциите.

Месеците по несреќата донесоа маршеви и протести со барања за правда и одговорност. Во истрагата се опфатени 34 лица, меѓу кои поранешен министер, полициски службеници, инспектори и сопственикот на клубот.

И покрај тоа, семејствата на жртвите и јавноста сметаат дека процесот се одвива премногу бавно. Здружението „16 март 2025 – Кочани“ продолжува да ја држи будна свеста за трагедијата, со порака: „Правда мора да има“!



Слични Објави