„Шкода груп“: Бугарија има потенцијал да стане регионален центар за производство и извоз на возови
Првите два електрични воза веќе се испорачани во Бугарија, а останатите ќе бидат доставени во договорениот рок до 31 август, изјави претставникот на „Шкода груп“, Петр Новотни, во интервју за бугарскиот дневен весник 24 часа.
„Ова се меѓуградски возови со капацитет од 300 патници. Тие се сертифицирани според Европскиот систем за управување со возови и ќе се движат по бугарската железничка мрежа со брзина до 160 км/ч. Имаат Wi-Fi и дополнителни удобности, а нископодниот пристап ги прави особено погодни за повозрасни лица. Како целосно електрични, тие се и еколошки“, истакна тој.
Од компанијата уверуваат дека производството се одвива со стабилно темпо, со околу три воза месечно, при што дел од мотрисите веќе се целосно завршени.
„Бугарија е клучен пазар за нас. Работиме со модуларен производствен систем и сме вертикално интегрирана компанија, што ни овозможува да ги исполниме роковите без компромис во квалитетот“, нагласи Новотни.
Компанијата презеде обврска за целосно одржување и сервисирање на возовите во следните 15 години, а во Бугарија веќе е формирана локалната компанија „Škoda Bulgaria“, која ќе биде задолжена за тоа.
„Типичниот животен век на современите патнички возови е околу 30 години, но одржувањето е клучно. Ќе обучиме локални кадри и ќе го пренесеме нашето знаење“, додаде тој.
Од „Шкода груп“ посочуваат дека Бугарија има потенцијал да стане регионален центар за производство и извоз, со оглед на нејзината стратешка позиција и тековните проекти во железничкиот и градскиот транспорт.
Вкупната вредност на нарачките за Бугарија надминува 500 милиони евра.
