Шпигел: Вучиќ- кукларот од Белград
Германскиот магазин „Шпигел“ остро го критикуваше српскиот претседател Александар Вучиќ за автократските тенденции во неговата земја и неговата деструктивна улога во Косово, Црна Гора и Босна. Додека Вучиќ го поткопува мирот во регионот, Западот е премногу толерантен кон него. Особено Мирослав Лајчак – специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, кој молчи за пропагандата на Вучиќ, пишува изданието, пренесува БГНЕС.
Во своите медиумски настапи, Александар Вучиќ остава впечаток дека никој не ја цени неговата посветеност за мир и стабилност на Балканот. Но, германскиот магазин „Шпигел“ во својата опширна статија заклучува дека пироманот на Балканот има име: Александар Вучиќ. Секој што разбира српски и ја следи кампањата на режимот на Вучиќ со говор на омраза на ТВ каналите, го разбира ова.
Шпигел ја цитираше активистката за човекови права Соња Бисерко, која тврди дека за време на неговиот мандат Вучиќ ги уништувал државните институции, го блокирал социјалниот дијалог, го направил парламентот непотребен и ги дискредитирал неговите критичари. Односите со Брисел и Вашингтон се посочени како пожелни, но на оние со Пекинг и Москва им се посветува посебна грижа, се истакнува во публикацијата. Белград не учествува во санкциите против Русија, а во последно време е зголемен притисокот врз руските неистомисленици кои побегнаа во Србија. Според германскиот магазин, САД го засилиле притисокот врз Србија, повикувајќи се на минатонеделните санкции против четворица политичари од Република Српска пред да биде погоден Александар Вулин, шефот на српското разузнавање.
Она што Вучиќ не може или нема да го каже, го кажува Вулин. Тој го поддржува концептот на „српски свет“ инспириран од „рускиот свет“ на Владимир Путин. Вулин тврди дека единствена можност Балканот да остане стабилен е Србите да живеат во една држава, бидејќи, според него, „сите конфликти на Балканот почнуваат со дискриминација на Србите“.
Анкетите во Србија покажуваат дека 45 отсто од испитаниците го сметаат Владимир Путин за најдобар политички лидер во светот. По него – со значителна разлика – се рангира претседателот на Кина. Вучиќ се гледа себеси како портпарол на сите Срби, вклучително и оние што живеат во Босна, Црна Гора и Косово. Сојузник на Вучиќ е Српската православна црква. Секогаш кога Вучиќ ќе се најде под внатрешен политички притисок, тој ги ослободува своите бесни поддржувачи на северот на Косово, населен претежно со Срби. Во оваа покер игра, Вучиќ го држи решението за косовското прашање како адут, пишува германскиот магазин во својата статија.
„Шпигел“ ја опишува и посетата на српскиот патријарх Порфириј на Грачаница на годишнината од косовската битка. Порфириј, кој е поддржувач на Вучиќ, тврди дека е посветен на мирот – мирот што Вучиќ го поткопува.
Изданието го критикува и посредникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. Додека Вучиќ коментираше дека српскиот народ во Косово бил подложен на „најстрашниот прогон“ во последните 15 години, Лајчак не реплицирал, туку го пофалил „искрениот и отворен разговор“ со српскиот претседател.
„Шпигел“ го цитира Хасан Хасановиќ, преживеан од масакрот во Сребреница, кој вели дека под водство на Вучиќ, негирањето на геноцидот било институционализирано. „Српската идеологија продолжува да живее, само го сменија името и сега ја нарекуваат „Српски свет“. Договорот за соработка во областа на образованието меѓу Србија и Република Српска во БиХ го оневозможува споменувањето на српските злосторства во Сребреница.
Цел на Белград е и Црна Гора. Според резултатите од неодамнешните истражувања, 32% од населението на Црна Гора се декларира како Срби. Уште повисок резултат се очекува на следниот попис. Медиумите предводени од Србија водат пропаганда во оваа насока. Пресметките на Белград се следни: колку повеќе етнички Срби има во црногорската статистика, толку поправедно е да се заштитат и да се договорат за нивната судбина. Путин го искористи овој стратешки пристап во случајот со руските граѓани во Грузија, Донбас и Крим. Вучиќ дава пасоши во Црна Гора, српските универзитети мамат со академски кариери, а српските пропагандисти уживаат особено позитивен третман: кога еден од нив се поболи, Вучиќ со хеликоптер го донесе на српска територија на лекување.