ШТАЈНМАЕР ЈА ПОТВРДИ ПОДДРШКАТА НА ГЕРМАНИЈА ЗА ЕВРОАТЛАНТСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, денеска во Берлин се сретна со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.

На средбата двајцата претседатели разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, состојбите во регионот, како и за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО. Двајцата претседатели оценија дека двете држави имаат одлични билатерални односи, како на политички план, така и во повеќе други сфери од заеднички интерес, како што се одбраната и безбедноста, економијата и образованието. Во изминатата година, нагласи претседателот Пендаровски, двете држави остварија трговска размена од 4.3 милијарди долари, а во 2019 година тој износ веќе надминува 1 милијарда долари, со што Германија е на врвот на листата на трговски партнери на Северна Македонија.

Претседателот Штајнмајер ја потврди цврстата поддршка на Германија за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка и изрази очекување дека Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија, и дека во најскоро време ќе биде завршена ратификацијата на Протоколот за пристапување од страна на земјите членки на НАТО, со што Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на алијансата. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на германскиот Бундестаг.

Претседателот Пендаровски оцени дека денешната средба и реализацијата на посетата на Германија е можност за обновување и интензивирање на дијалогот на ниво на претседатели, а во функција на натамошно зајакнување на партнерството меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.