|

ШВЕДСКА ГО НАПУШТА „ШВЕДСКИОТ МОДЕЛ“ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОВИД-19

Во доаѓањето на вториот бран на ковид-19 во Европа, Шведска почнува да го напушта моделот на полабави препораки и воведува ограничувања. Со новите рестрикции се забрануваат групирање на повеќе од осум лица, а се препорачува граѓаните да се воздржат од одење во фитнес-центри и библиотеки, како и од организирање семејни прослави, забави и слично.

Најновите податоци покажуваат дека Шведска, во однос на бројот на жители, бележи зголемен раст на случаи потврдени со ковид-19, а зголемени се и нивото на хоспитализација и бројот на смртни случаи во споредба со соседните земји.

Во болниците низ Шведска се лекуваат повеќе од 1 000 пациенти со ковид, што е зголемување за 60 отсто во однос на минатата недела, јави државната телевизија СВТ.

Шведска од почетокот на епидемијата одлучи да применува поразличен модел на справување со коронавирусот од сите другите земји во светот. Сега, откако започна есенскиот бран на вирусот, земјата ја менува стратегијата и наместо колективен имунитет се воведува ограничување во движењето.

Минатата недела земјата одлучи и да воведе делумен карантин. Меѓу другите мерки, забрането е баровите и рестораните да продаваат алкохол по 22 часот. Новите ограничувања ќе се применуваат низ целата земја од 20 ноември, а тоа значи дека сите установи со лиценца за послужување алкохол мора да затворат до 22:30 часот.

Премиерот на оваа скандинавска земја, Стефан Ловен, на прес-конференција рече дека земјата е изложена на ризик да ѝ се повтори ситуацијата од пролетта.

Во рамки на борбата против пандемијата, властите во 13 од 21 регион издадоа препораки до Швеѓаните да избегнуваат физички контакт со луѓе што не се од исто домаќинство.

Слични Објави