|

Син на судија, ќерка на обвинителка и сопруга на градоначалник избрани за судии во Кривичен и Граѓански суд

Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска и Кирил Георгиев, син на врховниот судија Наке Георгиев, станаа судии во Кривичниот суд. За нив гласаше мнозинството во Судскиот совет, кои избраа вкупно 25 лица од од денеска ќе вршат судиска функција. Смаќоска и Георгиев се дел од групата на седум кандидати кои беа избрани од Советот. Останатите се: Марија Беговиќ, Драгана Исакоска, Драган Јосифовски, Ахмет Идризи, Фросина Стојаноска.

Меѓу седумте кандидати за судии во Граѓанскиот суд, членовите на Судски совет ја избрааа и Симона Бубевска Муцунски, сопруга на градоначалникот Тимчо Муцунски. Таа е единствената од осумте кандидати кои се избрани. Останатите имиња се свежи, а јавноста досега не ги поврзувала со политиката и политичари. Тоа се Кристијан Митревски, Лилјана Костојчиноска, Драган Петрушевски, Маја Катариниќ, Андреа Апостоловска Малиноска, Машкули Пајтин и Јованов Јордан.

„По оглас за избор на судии избрани се следните судии: за Основен суд Битола: Петар Чаловски, Елена Журовска и Горан Димовски, кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Свети Николе: Драгана Илиовска, кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Струмица: Катерина Тодорова – кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители и за Основен суд Тетово; Бојана Тоиќ и Муса Реџеп – кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Битола е Иван Колевски – кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители“, известија од Судски совет.

За Кирил Георгиев да суди во Кривичен, неговиот татко утрово се повлече од функцијата член на Судски совет. Ако останеше, Кирил немаше да добие можност да биде биран. Сепак, функцијата на Наке Георгиев во Врховен суд, останува.

Гордана Смаќоска, пак, во време додека беше обвинителка ја вработи нејзината ќерка во Обвинителството, па и беше колешка. Минатата година, Советот на обвинители ја пензионираше. Денеска, Билјана Смаќоска ќе суди во Кривичниот суд, каде нејзината мајка поднесуваше обвиненија и гонеше криминал. Последно, Гордана Смаќоска беше дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.



Слични Објави