Тенденцијата на миграција на населението од Македонија во странство, предизвикана главно од економски причини, добива загрижувачки размери а уште поалармантно е тоа што според информации од релевантни институции и организации, голем број од граѓаните што мигрираат од државата се високообразовани млади луѓе. Тоа значи дека земјава останува без активното население и „способни интелигентни глави“, кои немајќи можност да се изразат на професионален план во родното место, заминуваат во потрага по подобра иднина во Европа, САД и арапските држави. Оттаму, реалноста е дека земјава е една од водечките по бројот на млади кои спаѓат во категорија „невработени“ или „иселени“.
На некој начин оваа категорија на млади ги принудуваат, потикнуваат гордите политичари и владата да изготват национална стратегија за враќање на заминатите образовани кадри, но и да ги спречи во изразената намера повеќе од половина моментални студенти да заминат на печалба по комплетирањето на образованието. Досегашните политичари по некоја нивна среќа а несреќа за народот, станале вешти глумци кои ја „водат“ државата, и на дело се само способни перфектни криминалци, вешти и брзи кои за краток период си овозможиле / овозможуваат не само за нив живот од бајките, на грбот на народот, туку и за нивните потомци.
Доколку луѓето што ја водат нашата држава не дадат конкретни решенија во насока на создавање на услови и амбиент за вработување на стручните и компетентните кадри во земјава, познавачите предупредуваат дека ќе биде доведена во прашање смислата за постоењето на Македонија, бидејќи држвата ќе остане без значителен дел од своето активно население.
А кој сака да го напушти родното гнездо каде што израснал, стекнал пријатели и каде што му се родителите и роднините?! Никој не сака! Сепак во моменталните услови на сиромашниот и беден раскош во нашата мила Македонија е невозможно да се остане.
Автор: Александра Трнковска