| |

Скандирањата на мечот на Шкендија – продолжување на обидите за регионална дестабилизација од Сараево, преку Нови Пазар и Куманово во Скопје

Ивон Величковски

1.
На истиот принцип како и при саботната реакција по Куманово, за почеток, ја бараме истата институционална реакција и по вчерашниот ден:

Премиерот треба го повика министерот за спорт и да побара од него санкција за (организаторот на) навивачите или негова оставка доколку не го спроведе првото.

За истото му е на располагање и министерот за внатрешни.

Ако Обвинителството во Куманово почна постапка на 3 август, скопското веќе денес треба да ја започне постапката во своја надлежност и по овој случај.

2.
Две навивачки дивеења со говор на омраза во една недела бараат повеќе од вербална осуда во партиски соопштенија и по социјални мрежи.

Бараат правна санкција.

Играњето пред празни трибини е можност.

Исто како и одредување времена или трајна забрана за присуство на идентификувани навивачи-сторители на кривично дело (насилство на спортските терени, говор на омраза или поттикнување расна, верска или меѓуетничка нетрпеливост).

Потфрлањето на полицијата во обата случаи да ги отстрани проблематичните навивачи е евидентно.

Поради немање наредба така да постапат или поради одбивање таква наредба?

За споредба, полицијата во Тирана отстрануваше навивачи – Албанци, вклучително од Северна Македонија, со несоодветни транспаренти на мечот Албанија-Србија пред пар месеци.

3.
Кумановските скандирања на 2 август требаше да бидат повод за скопските на 5 август.

Наспроти “бенигните” толкувања дека ова е само “фолклор” за пред локални избори, треба да видиме дека по одумирањето на “Отворен Балкан” притисокот врз “српскиот свет” му го затвора просторот на Вучиќ за извоз на дестабилизација во соседството.

Откако со правосилна судска пресуда во БиХ Додик е практично пензиониран, Цвијановиќ паралелно стана отворена за соработка со НАТО.

Етно-партиската српско-албанска соработка во Црна Гора се обиде да ги заобиколи Црногорците, но не успеа да ги загрози евроинтеграциите на оваа земја-членка на НАТО.

По одбивањето на терористичкиот напад во Бањска, Косово чекор по чекор ја декомпонира “дјути фри” зоната на криминалот што требаше да го држи северот на Косово во статус на “мафијашка територија”.

Соочен со фактички граници во соседството, Вучиќ денес бара:

– внатрешни непријатели во демонстрантите кои скоро една година му ја предизвикуваат владата и во несрпското население вон централна Србија, и

– надворешни непријатели во соседството.

Затоа југословенско Скопје не знае што да прави, особено откако Извештајот на ЕП ги означи неговите партии како изведувачи на Белград во неколкуте последни владини мандати.

И молчи за повиците за отворање на досиејата на тајните служби.

А ако повлечеме паралела со фактот дека колку во партиите, уште толку службите (и нивните денешни наследници) биле и се присутни и во навивачките групи – станува јасно дека ниту викендов ниту вчера – ексцесите не се спонтани.

Затоа што (поранешната) служба ниту се крие ниту само кај Македонците ниту само во партиите, туку има цел (Северна) Македонија да биде само територија.

На оваа цел и е спротивставен концептот на нацијата на Северна Македонија, односно националната држава.

Да резимираме, целта е позната: дестабилизирање на Северна Македонија антагонизирајќи ги Македонците и Албанците за рефакторизирање на Белград, особено откако имплантираниот антагонизам на Македонците кон Бугарите и Грците тргна во надолен тренд.

Очигледноста на овој процес е неговиот пораз. Пораз на политиката на југословенско Скопје за кое Белград е пред Брисел.

Слични Објави