СКОПЈЕ: НОВИ 24 ЛИЦА ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ПОРАДИ КОМПЛИКАЦИИ ОД КОВИД – ВКУПНО СЕ 448
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 22 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, со што вкупниот број на лица сомнителни и потврдени за ковид-19 што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град е 448.
Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие, на интерните клиники имало 9 приеми, и тоа по двајца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за дерматологија, на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија и тројца пациенти на Клиниката за неврологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 8 нови пациенти, додека на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 5 лица.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.
Со тоа, во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот бројот на пациенти е 21, на Клиниката за неврологија 30, а на Институтот за ТБЦ има вкупно 36 пациент со симптоми на коронавирус, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 27 пациенти, на Клиниката за очни болести 11 пациенти, а на ОРЛ 20. На Клиниката за Гастроентерохепатологија има 22 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 132 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 44 пациенти.
