|

Скопје стана центар на глобалната енергетска визија – со потпишување на „Декларацијата Скопје“ заврши Светскиот енергетски форум IFESD-14

Со потпишување на „Декларацијата Скопје“ денес заврши 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14), кој во изминатите три дена го претвори Скопје во светски центар на енергетскиот дијалог и визии за иднината. Претставниците на ОН и петте регионални економски комисии ја оценија организацијата како „беспрекорна“, а РС Македонија како „вистински домаќин на глобалната енергетска сцена“.

Форумот обедини над 500 учесници од повеќе од 70 држави, со повеќе од 150 говорници кои преку 35 тематски сесии и панели понудија идеи и конкретни насоки за забрзување на глобалната енергетска транзиција.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека форумот претставува пресвртница за регионот и доказ дека земјата може да биде платформа за енергетски иновации и политики. „Скопје беше глобална сцена на знаење и амбиција. Она што го започнавме тука е движечка сила на нова енергетска соработка и визија. Овој форум ќе остане запаметен како место каде што не само што зборувавме за иднината – туку ја започнавме,“ рече Божиновска.

Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, нагласи дека напредокот во енергетската транзиција бара политичка волја, визија и силни партнерства. „Инвестираме во луѓето и иновациите за резултати кои граѓаните ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот,“ изјави Григорјан.

Дарио Лигути, директор на Енергетската дивизија при UNECE, ја оцени декларацијата како силен сигнал за регионална амбиција. „Таа потврдува заедничка заложба за праведна транзиција која носи напредок за луѓето, планетата и економијата,“ рече тој.

Потписниците на „Декларацијата Скопје“ се обврзаа на интегрирани и инклузивни енергетски политики, модернизација на електромрежите и дигитализација, зголемени инвестиции во обновливи извори и фер транзиција, како и поддршка на зелено финансирање и родова рамноправност во секторот. Документот ја истакнува посветеноста за глобален енергетски систем кој обезбедува климатска заштита, економски развој и пристап до енергија за сите.

IFESD-14 се одржа во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални економски комисии на ОН – ECA, UNECE, ECLAC, ESCAP и ESCWA, позиционирајќи го Скопје како значаен регионален центар за креирање на енергетските политики и глобалните одржливи решенија.

Слични Објави