СЛЕДНАТА ГОДИНА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА ЗА 5%

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска ја организираше првата годишна конференција на Мрежата за управување со човечки ресурси. На конференцијата присуствуваа повеќе од шестотини претставници на одделенијата за човечки ресурси и државни секретари.
Со свој говор на конференцијата се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.

Министерот Манчевски се осврна на важноста на Мрежата за управување со човечките ресурси како платформа за комуникација, координација и соработка.

„Сите тука сме свесни за критиките кои се адресираат на вработените во јавната администрација. Наша заедничка цел мора да биде да ја подобриме сликата што јавноста ја има за начинот на којшто функционира јавната админстрација. Вашата работа како одговорни за човечките ресурси во институциите каде што работите, е од особено значење во тој процес. Јас верувам дека функционирањето на оваа мрежа ќе придонесе кон подобрување на работата на јавната админситрација. Особено кога зборуваме за подобрување на испораката на услугите до граѓаните. Во исто време администрацијата треба да биде подготвена да се носи со предизвиците од пристапувањето во евро-атланските структури“, истакна министерот Манчевски.

Покрај развивање и унапредување на Мрежата, МИОА работи и на голем број други активности за подобрување и развивање на капацитетите на човечките ресурсти во администрацијата. Основна цел на овие активности е градењето на професионална, компетентна и стручна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните и бизнис заедницата.

„Како што веќе беше објавено, во буџетот за следната година е предвидено зголемување на плата на сите во администрацијата за 5%. За некои професии ќе има и повеќе. Намерата ни е секоја година да има по едно вакво покачување и се надеваме дека ќе успееме во тоа. Ама затоа и бараме многу поголема одговорност, многу подобри услуги, со цел граѓаните да бидат позадоволни. Вие сте тимот кој тоа може да го направи. Вие сте тие кои директно можете да влијаете на начинот на работа и организација. Вие може да сте и оние мотиватори на другите. Вие треба да ја ширите приказната, нашата заедничка цел. Политичка волја за тоа конечно постои. Поддршка од владата имате. Сега е на нас да покажеме што знаеме“, заклучи министерот Манчевски.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн се осврна на важноста од реформите во јавната администрација.

„Реформата на јавната администрација е потребна за да се подобри животот на граѓаните и да се зголеми јавната доверба во државните институции во кои вие работите.Еден многу важен дел на реформата на јавната администрација е реформата на системот на човечки ресурси. За да стане поефикасна, државната администрација мора подобро да ги користи луѓето кои работаат во неа. Гледајќи однадвор, ми изгледа дека државната администрација има истовремено и премногу и премалку луѓе. Премногу воопшто, но премалку на вистинското место со вистинските вештини. Затоа мислам дека процесот на систематизацијата на државната администрација е многу потребен“, рече Голдстајн.

Државниот секретар Јахија, зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат вработените во одделенијата за човечки ресурси.

„На нашата држава и беа потребни над два милиони евра за воспоставување на информатички систем за човечки ресурси. Согласно Законот за вработени во јавниот сектор, МИОА е должно до 31ви март секоја година да го објави Извештајот за вработени во јавниот сектор. За жал, до денес не можеме да го оствариме ова законско право, бидејќи голем број на институции не ја исполнуваат својата законска обврска. Како министерство го направивме она што е беше наша задача, преку обуки на вработените, интервенција на инспекторатот, измени на законите…“, посочи државниот секретар Јахија.