СЛЕДНИ РЕСТРИКЦИИ СЕ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС И СКРАТУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА КАФЕАНИТЕ, ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА В ПОНЕДЕЛНИК

//

Следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни, ќе се одлучува в понеделник. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека денес има помал број новозаболени во однос на вчера и очекува тој тренд на намалување да продолжи.

„Во смисла на дополнителни рестрикции, следните чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Тоа би било дополнително на овој лимит сега. Очекуваме бројот на новозаболени да се намали како резултат на веќе воведениот полициски час. Денес, имаме бројка на новозаболени под 1.000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет-четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Спремни сме да препорачаме и дополнителни мерки, но сметаме дека не се потребни. Одлука ќе носиме в понеделник“, рече министерот Филипче.

Воведувањето дополнителни рестрикции министерот Филипче рече дека зависи главно од динамиката на примање нови пациенти и слободните болнички кревети во ковид-центрите. Во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се обезбедени вкупно 100 дополнителни болнички кревети во однос на оние што биле на располагање во есенскиот бран со пренамена на постојните оддели. За ставање во функција на 100-те кревети во поранешниот хотел „Ибис стајлс“, што приватните клиники му ги отстапија на јавното здравство, сѐ уште нема одлука. Министерот Филипче вели дека приоритет имаат одделите што се во рамките на сегашните болници.



„Ги пренаменуваме веќе постојните оддели во клиниките оти тука е експертизата и се организираме по принципот на ротација“, објасни министерот Филипче.

Тој не ја исклучи можноста и ковид-центарот во поранешниот хотел „Ибис“ во Тафталиџе да се стави во функција, доколку се исполнат сите капацитети

Претходна статија

ВО БОЛНИЦИТЕ НИЗ ЗЕМЈАТА ИМА 1.224 КОВИД-ПАЦИЕНТИ, ВО СКОПЈЕ ЗА ЕДЕН ДЕН ХОСПИТАЛИЗИРАНИ 63 ЛИЦА

Следна статија

ДРАГАН СПАСОВ- ДАЦ ЗА БГНЕС: ЗА ЉУБОВТА И УМЕТНОСТА НЕМА ГРАНИЦИ

Најново од Вести