Следните пет години ќе бидат најжешките досега, предупредува СМО
Речиси е сигурно дека 2023-2027 година ќе биде најтоплиот петгодишен период забележан во историјата. Комбинацијата од стакленички гасови и Ел ќе ги зголемат температурите, предупреди во средата Светската метеоролошка организација при ОН, пренесува „Франс 24“.
„Постои 98-отстотна веројатност дека барем една од следните пет години и петгодишниот период како целина ќе биде најтоплата досега“, велат од СМО.
Според СМО, најтоплите осум години забележани во историјата биле помеѓу 2015 и 2022 година, но се прогнозира дека температурите дополнително ќе се зголемуваат како што се забрзуваат климатските промени.
Во согласност со Парискиот договор од 2015 година земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на многу под два Целзиусови степена над просечните нивоа измерени помеѓу 1850 и 1900 година – и 1,5 Целзиусов ако е можно.
Глобалната средна температура во 2022 година беше за 1,15 Целзиусов степен над просекот од 1850 до 1900 година.
СМО соопшти дека има 66 отсто шанси годишните температури на површината да надминат 1,5 Целзиусов степени над прединдустриските нивоа во најмалку една од годините 2023-2027 година, со прогноза од 1,1 до 1,8 Целзиусов степен за секоја од тие пет години.
Иако тоа не значи дека светот трајно ќе го надмине зададеното од Париз, СМО алармира дека сè позачестено привремено ќе го надминуваме нивото од 1,5 Целзиусов, вели шефот на агенцијата, Петери Таалас.
„Се очекува затоплување на Ел Нињо во наредните месеци што ќе се комбинира со климатските промени предизвикани од човекот и ќе ги турне глобалните температури на непозната територија. Ова ќе има далекосежни последици за здравјето, безбедноста на храната, управувањето со водите и за животната средина. Треба да бидеме подготвени“, предупреди Таалас.
Температурите во 2023 година, веројатно, ќе бидат повисоки од просекот во периодот од 1991 до 2020 година во речиси сите региони, освен на Алјаска, во Јужна Африка, Јужна Азија и во делови од Австралија, соопшти СМО.
Делови од јужниот дел на Тихиот Океан, веројатно, ќе бидат посвежи од просекот.
