Слепата улица на македонизмот
Пишува: Љупчо Куртелов за БГНЕС
Идеолошкиот проблем на македонизмот е тоа што за свои ИКОНИ избрал личности кои сами себе недвосмислено се декларирале како Бугари. Фотографиите на Гоце Делчев висат на ѕидовите на службените канцеларии, во училиштата учевме, а и сега децата учат за браќа Миладиновци, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев… Немам намера да ги цитирам, но кој е жеден за вистината во денешно време на интернет може да ги најде нивните изјави, писма, песни и да се увери во погоре кажаното. Во последната деценија од минатиот век популарен автор беше американскиот психијатар Скот Пек. Во едно од неговите дела, според нивото на духовен развој, луѓето ги класифицира во четири категории: Хаотичен, Институционален, Интелектуален(скептик) и мистик. Секој еден кој сака да ја спознае вистината треба да биде СКЕПТИК, т.е. да ја види и другата страна. Ние во Македонија сме „бомбардирани“ само со тезите на македонизмот. А уште од времето на Рим е речено: Audiatur et altera pars/ Да ја слушнеме и другата страна. На идеолошкиот македонизам, за да биде последователен, повеќе му прилегаше за свои кумири да ги избере Јован Бабунски, Глигор Соколовиќ (вујко на Блаже Конески) и се разбира таткото на македонизмот – Стојан Новаковиќ.
До Берлинскиот конгрес 1878 година очите на Србија се свртени на запад, гледајќи кон Босна каде што живее бројно српско население. Но откако Босна е окупирана од моќната АвстроУнгарија, Србија ги редефинира своите приоритети и амбиции, а тоа е Македонија со Солун и излез на Егејско Море. Но проблемот е во тоа што во Македонија (која се уште е под турска власт) христијанското население е со доминантно бугарско самосознание и српската идеја не може да „пушти корени“. Затоа Стојан Новаковиќ, којшто е српски дипломат во Цариград, предлага (велико)српската идеја да најде сојузник.
„Бидејќи бугарската идеја, како што е јасно на сите, пуштила длабоки корени во Македонија, јас мислам, дека е скоро невозможно таа наполно да се победи, така што на неа ќе ја спротивставиме само српската идеја. Се плашам дека таа идеја не би била во состојба да ја потисне бугарската и затоа српската идеја би имала полза од некаков сојузник кој би бил против бугарската и кој би ги имал зад себе елементите кои би го привлекле народот и неговите чувства така што ќе го одвојува од бугарштината. Тој сојузник го гледам во македонизмот“.
Идејата за создавање на нова (македонска) нација Новаковиќ е „украл“ од кнез Метерних, министер на надворешни работи на Австрија (1809-1821). Читајќи ги неговите мемоари издадени 1880 година, тој научил за идејата на Метерних да го германизира полското население во областа Галиција, на тој начин што властите ќе ги оттргнат од полските корени и ќе им „накалемат“ локалпатриотизам (ландеспатриотизмус) и псевдонационализам, или како што тој го нарекува „родова гордост“ (штаммесштолц). Но за среќа на пољаците, идејата на Метерних не се остварила, за разлика од Новаковиќ. (И Америка го носи името на Америго Веспучи кој што ја обиколил и картографирал, а не на нејзиниот откривател Колумбо).
Ние и денес ги „јадеме“ отровните плодови посеани од Новаковиќ.
„Ех Љупчо брате мили, копаа, копаа да ни ги уништат корените, сечеа, корнеа. И на крај кога видоа дека не можат, турија отровни семиња во дупката. Зло и отров ни накалемија. Сега пак се отвори таа дупка, ама тешко коренот од плевел се чисти“ – многу сликовито ми го напиша ова еден пријател од емиграцијата.
Затоа денес на Македонија и се случуваат парадокси: во конфликтот со Грција „капитулиравме“ иако моралното право беше на наша страна, а со Бугарија не отстапуваме, иако вистината НЕ ни е сојузник. А не отстапуваме затоа што антибугарштината е во основата на македонизмот.
Болеста е тешка, но не е неизлечива.
