Случајот „Штекли“ влегува во завршна фаза – судот ќе одлучува за понатамошните чекори
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржува ново рочиште во предметот познат како случај „Штекли“, во кој меѓу обвинетите е и Раде Трајковски.
На претходното рочиште заврши испрашувањето на вештите лица предложени од Обвинителството. Судечкиот совет најави дека на денешното сослушување ќе ги разгледа сите доставени вештачења и ќе одлучи дали ќе се побара дополнително, т.н. супервештачење, или постапката ќе продолжи со главната расправа.
Станува збор за предмет покренат од Обвинителството за гонење на организиран криминал, кое по речиси едногодишна истрага поднесе обвинение против десет лица. Во истрагата биле користени и посебни истражни мерки.
Првично во предметот биле опфатени 16 осомничени, но седум од нив во меѓувреме склучиле спогодби со Обвинителството и добиле затворски казни од три до три и пол години. Според обвинителниот акт, групата функционирала како добро организирана мрежа со јасно поделени задачи – од набавка до препродажба на кокаин и марихуана.

