|

Слупчане ја условува ЕВН: Простете ни ги долговите, највисоките сметки да бидат 3.000 денари, дајте ни бесплатни приклучоци за нови куќи

Жителите на Слупчане ги условуваат екипите на ЕВН, за да им дозволат да влезат во селото. Наместо слободен пристап до трафостаницата, вработените во компанијата, тврдат дека се соочуваат со вербални и физички напади. „Макфакс“ дојде до документот на жителите на Слупчане, испратен преку Општина Липково. Тој се состои од 14 точки, преку кој се бара за нив да не важат правилата кои треба да ги почитува секој граѓанин односно потрошувач. Простување на долгови од илјадници евра, бесплатни приклучоци, но и највисоката сметка која ќе ја добиваат да е 3.000 денари се дел од барањата.

„Не прифаќаме мерните уреди да се постават надвор од куќите. Се додека ова не се случи во цела Северна Македонија, не дозовлуваме ние да бидеме исклучок; Да им се простат старите долгови на корисниците на ЕВН од Слупчане; На секој крај од селото, каде ќе се гради куќа, да му се обезбеди електрична мрежа од страна на ЕВН Македонија, не граѓанинот повторно да плаќа илјадници евра за бандери; Да се постави ограничена цена од 3.000 денари по семејство, без разлика на потрошените киловати; Цената да биде иста и по потрошувачката од 700 киловати од страна на потрошувачот, а не оваа цена да се дуплира; Верските објекти да бидат ослободени од плаќање струја“, се само дел од условите на жителите на Слупчане.

Ваков договор не е постигнат, а екипите на ЕВН одново се жалат дека се мета на напади. Тие не можат да работат на модернизација на мрежата, додека, не им бидат обезбедени услови. Жителите пак, не ги пуштаат внатре во селото, меѓудругото, и поради страв дека ќе им ја исклучат струјата.

Загубите во Слупчане се 80%, а наплатата е само 20%.

Пред три недели, екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно дека не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија Крешник Бектеши, па откако прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.

Слични Објави