Службените возила ќе добијат жолто-црвени регистарски таблички
Околу 7.500 возила во сопственост на државата ќе треба да добијат нови регистарски таблички во жолто-црвена боја. Исклучок од ова правило ќе бидат возилата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност што се користат за специјални намени, како и возилата на Министерството за одбрана и Армијата кои веќе се обележани со сопствени знаци.
Новите таблички се воведуваат со цел да се зголеми видливоста на службените возила и да се спречи нивна злоупотреба за партиски цели.
„Со јасна идентификација на службените возила ќе се стави крај на злоупотребите што беа честа практика во минатото. Сега граѓаните и медиумите ќе можат секогаш да препознаат кое возило е службено“, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
До крајот на годината Министерството за внатрешни работи треба да изготви и регистар на сите службени возила.
Првично рокот за задолжителното воведување на новите таблички беше 15 септември, но тој е продолжен до 29 септември, односно до стартот на изборната кампања. Институциите што нема да го направат тоа навреме, ќе ги добијат специјалните таблички при следната регистрација.
