Снопче: Зошто во кафулињата во Гостивар се слуша само српска музика
Пратеникот од Алијанса за Албанците, Халил Снопче, денеска во Собранието, покрај коментарите за одлуката на Уставниот суд поврзана со преименувањето на улиците во Тетово, отвори и прашање за присуството на македонската музика во јавниот простор, јавува Либертас.
Според него, потребно е институциите повеќе да работат на промоција на домашната култура и музичка сцена, посочувајќи дека во многу кафулиња во Гостивар доминира музика од Србија и од просторот на поранешна Југославија.
„Во секое кафуле во Гостивар каде што седат младите Македонци и Македонки се слуша српска музика. Ние немаме македонски пејачи? Дури и на Макфест настапувале пејачи од поранешна Југославија кои пееле на српски јазик. Дури и песните на Тоше Проески често се пуштаат на српски. Треба да се работи во таа насока“, изјави Снопче.
Претходно, говорејќи за одлуката на Уставниот суд со која беше укината одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година за преименување на улици, плоштади и други објекти, Снопче оцени дека Владата треба да ги охрабри општините да покренат иницијативи кои, според него, ќе го рефлектираат мултиетничкиот карактер на средините.
Тој смета дека одлуката на Судот има политичка димензија и упати критики кон Владата поради тоа што не доставила мислење во постапката.

