|

Со македонски филм, синоќа беше отворен 21. Скопје филм фестивал

Со премиера на играниот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“, синоќе во кино „Милениум“ се отвори 21. Скопје филм фестивал …

На отворањето присуствуваше министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Новиот филм на Блажевски „Година на мајмунот“ е црна комедија, копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Во главната улога е Игор Ангелов, а во актерската екипа се и: Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија.
„Година на мајмунот“ ќе се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал.

Во програмата Македонска продукција на 21. СФФ ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои е вечерашнатапремиера на документарниот филм „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи, како и „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, кој освои награда за најдобар краток филм на фестивалот Санденс. Во Ретроспектива на Хичкок, пак се пет филма: „Заден прозорец“, „Психо“, „Ребека“, „Птици“ и „Туѓинци во воз“.

Во рамки на фестивалот ќе има и две работилници – режисерот на „Таксим холдем“, Мајкл Ондер, ќе одржи работилница за снимање нискобуџетен филм во Кинотека на Македонија, каде ќе има и средба со продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо. Француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин, пак, на 23 април на Универзитетот ЕФТА ќе одржат работилница: „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“. Во кино „Фросина“ во понеделник ќе биде промовирана книгата „За засрамените геј мажи“.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.



Слични Објави