|

Изложбата „Споменици на Револуцијата“ на Марко Кројач во Кочани

Во Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани утре (21 април) со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Споменици на Револуцијата“ на слободниот уметник, активист, музичар, ди-џеј и хроничар, кој живее и работи во Берлин, Марко Кројач …

Неговата изложба на фотографии печатени во сито техника ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес.

Изложбата, чиј првичен фокус се спомениците во Македонија, нѐ соочува со реалната состојба на овие ремек дела, некои од нив реконфигурирани, напуштени или заборавени, но сѐ уште живи централни места на сеќавањата, историјата и комеморацијата. Таа отвора прашања кои јасно ја покажуваат сложеноста на процесот во градењето на мирот на Балканот и поделбите поврзани со минатото, години после војни и насилство.

Марко Кројач, кој е дел од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат, ќе ја промовира и својата книга “Залудградител“ работена на сито печат, а на тема споменици на народната борба на просторите на бивша Југославија. Досега реализирал бројни изложби во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник и архивар на споменичното културно наследство на некогашна Југославија.

Изложбата е во организација на „Задруга5060“ во соработка со локалната независна сцена со локалните самоуправи, како и со делумна поддршка на Министерството за култура. Оваа поставка досега беше прикажана во Штип, а по отворањето на изложбата во Кочани, ќе биде презентирана и во Прилеп, Битола, Струга и Крушево.

Слични Објави