| |

Зошто израелскиот град Нетанја именуваше улица со бугарското име „Пенчо“

Проф. д-р Вили Лилков/Фактор

Во 1939 година една организација во Чехословачка, наречена „Бетар“, си поставува задача да преведе во Палестина околу 500 Евреи. За таа цел го купува италијанскиот товарен брод „Стефано“ и го носи во Братислава. Поранешните сопственици инсистираат бродот да го смени името. Тогаш бугарскиот Евреин Рубен Соломон Франко, кој ја извршува купопродажбата, му го дава името „Пенчо“, што всушност бил неговиот прекар од еврејското маало во Софија, околу улицата „Екзарх Јосиф“.

При првиот поглед на бродот, еден од организаторите на патувањето саркастично го споредува со „карикатура на подморница“. Со 407 германски, чешки и словачки Евреи на бродот, под бугарско знаме, „Пенчо“ испловува од Братислава кон Црното Море во мај 1940 година. По Мохач (Унгарија) и Бездан (Србија), на бродот се качуваат уште Евреи и нивниот вкупен број достигнува 514 лица. Бродот е задржан повеќе од два месеца кај Железни Врата.

Во август, кај Видин, воените власти му го одземаат бугарското знаме на бродот и му забрануваат да пристане, бидејќи дозволата за пловење под бугарско знаме е истечена. Со последните резерви на гориво и храна, бродот го продолжува патувањето и фрла сидро меѓу Ѓурѓево и Русе, а емигрантите го издигнуваат знамето на Црвениот крст, како и зборот „глад“ на различни јазици.

За време на принудниот престој, еден од бегалците умира и неговото тело е пренесено на романскиот брег, а тројца млади луѓе скокаат од бродот и успеваат да допливаат до Русе, каде што се среќаваат со митрополитот Михаил. Русенскиот огранок на Црвениот крст започнува да собира помош. Девојките од младинската секција при друштвото „Добродетел“, раководено од Тонка Просеничкова – внука на Баба Тонка Обретенова, исто така собираат помош, месат козунаци и леб, купуваат цигари и овошје. Тонка Просеничкова неколкупати со чамец, придружуван од воените власти, доставува помош до бродот, иако првично тоа ѝ било одбиено.

Фабрикантот Димитар Буров дознава за загрозените луѓе и наредува да се натоварат коли со храна и основни потреби, кои русенските чамџии ги пренесуваат до нив. Преку митрополитот Михаил и градоначалникот Кирил Старцев, на емигрантите им се предадени храна, цигари и медикаменти.

На 14 септември бегалците пристигнуваат во Сулина, но договорениот морски брод веќе испловил и „Пенчо“ навлегува во Црното Море, иако не бил прилагоден за пловење во морски води. Сепак, успешно ги минува Босфорот и Дарданелите, но при влегувањето во Средоземното Море се разбива во карпите на еден грчки остров со должина од околу 2 километри и ширина од 150–200 метри. За среќа, бегалците и екипажот излегуваат на брегот и по десет дена, во ноќта на 21 октомври 1940 година, се спасени од малиот италијански транспортен брод „Camogli“ и одведени во бегалски логор на островот Родос, а подоцна се префрлени во логорот „Ferramonti di Tarsia“ во Калабрија (Италија).

Во септември 1943 година сојузничките сили го ослободуваат логорот, а во 1944 година бегалците од бродот „Пенчо“ конечно стигнуваат до Ветената земја.

Во медитеранското летувалиште Нетанија во Израел постои улица со името „Пенчо“. Таму се наоѓа и спомен-обележје посветено на необичното патување на еден уште понеобичен брод.

По 9 септември 1944 година, Тонка Просеничкова и нејзиниот сопруг Нико Просеничков се убиени од комунистите, Кирил Старцев и Димитар Буров се затворени и испратени во логори, а митрополитот Михаил е прогласен за „непријател на власта“ и еден од „најопасните митрополити“ за режимот.

Слични Објави