СО ЗАДОЦНУВАЊЕ ОД 45 МИНУТИ ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА „РЕКЕТ“
Со задоцнување од околу 45 минути почнува судскиот процес за случајот „Рекет“. Иако обвинетите Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец, беа на време во судницата, судењето не почна во определениот термин поради задоцнување на обвинетиот Боки 13.
Обвинителката Вилма Русковска го обвини Бојан Јовановски – Боки 13 за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“. Јанева ја обвини за „злоупотреба на службената положба и овластување“, а Зоран Милевски-Кичеец за „примање награда за противзаконито влијание“.
Јовановски беше приведен на граничниот премин „Богородица“ на 15-ти јули годинава, и оттогаш е во притвор. Второобвинетата Катица Јанева беше во затворски притвор од 21 август до 19 ноември. Таа и третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец во судот се донесени од куќен притвор. Обвинението против тројцата беше покренато на 10 октомври.
Истрагата за случајот „Рекет“ започна откако бизнисменот Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет – различни суми за различни услуги со кои Јанева требало да ја олесни неговата положба во предметот за кој е осомничен.

