| |

Собир за поддршка на Александар Васов на 25 јули во Цариброд

Во Цариброд, на 25 јули (сабота), ќе се одржи собир за поддршка на Александар Васов. Собирот е закажан за 18:30 часот на плоштадот пред Центарот за култура, јавува Фар.рс.

Организаторите порачуваат дека нема да дозволат обиди за разгорување меѓуетнички поделби и ширење омраза.

Собирот се организира по објавувањето на, како што наведуваат организаторите, невистинити тврдења и клевети на сметка на Александар Васов во одделни медиуми блиски до власта.

Во повикот упатен од граѓани, групи и организации од Цариброд и Пирот се нагласува дека целта на настанот е да се испрати порака за солидарност и единство, како и да се отфрлат обидите граѓаните да бидат поделени врз национална или верска основа.

„Ги повикуваме сите слободољубиви граѓани, групи и организации заедно да испратиме порака до оние што преку поттикнување меѓуетничка омраза сакаат да го продолжат својот престој на власт и да продолжат со разграбувањето на државата и нејзините ресурси“, се наведува во повикот.

„Нема да ви помине“, „No pasaran“, „Нема да нè скарате меѓу себе“ и „Слогата ќе го победи злото“, порачуваат организаторите. Тие ги повикуваат граѓаните да се приклучат на протестот и заедно да покажат дека во Цариброд нема место за говор на омраза и за обиди за предизвикување меѓуетнички конфликти.

„Без оглед дали презимето ти завршува на -иќ или на -ов, без оглед во која црква одиш и на кој Бог му се молиш, против злото и неправдата мора да се исправиш, не смееш да молчиш“, се додава во повикот.

Александар Васов е ветеринар и долгогодишен активист од Цариброд, познат по своето ангажирање во заштитата на природата, зачувувањето на Стара Планина и развојот на семејната фарма „Равна шума“.

Во јавноста е препознатлив и по своето противење на проекти за кои смета дека можат да ги загрозат животната средина и локалната заедница.



Слични Објави