ВМРО- 133 години непокор на македонските Бугари
Владимир Перев
1. Пред 133 години една група мажи, за своето време обарзовани македонски бугари, во вечната борба за слобода и личниот и национален непокор, ја формираат Внатрешната Македоно-Одринска Револуционерна Организација, позната како ВМОРО, за покасно да се преименува, до самиот свој трагичен крај во 1934 година, како ВМРО – Внатрешна Македонска Револуционерна Организација. Должни сме да ги споменеме (и секогаш да ги споменуваме) имињата на нејзините основачи: д-р Христо Татарчев од Ресен, Дамјан Груев од село Смилево Битолско, Иван Хаџиниколов од Кукуш, Петар Попарсов од с. Богомила, Велешко, Христо Батанџиев од Гуменџа и Антон Димитров од село Ајватово. Тие петмина мажи, понесени со духот на слободата и подемот на македонското/бугарското општество во географска Македонија, инспирирани од херојската борба на бугарскиот народ и формирањето на бугарската држава, поучени од книгата на Захари Стојанов “Записки по б’лгарските востанија“, го втиснуваат својот национален и слободарски печет на целокупната борба на македонскиот народ, за извојување на сопствената слобода, признавање и човекови права. Современите фалсификатори на македонската историја, ниту можат да го намалат нивниот епохален придонес кон слободата на целиот македонски народ и жителите на Македонија, ниту кон придонесот на херојството на македонските бугари во таа борба.
2. Идејата за слобода и непомирливост со робската положба на бугарите во Османска Турција, резултира со револуционерна идеја за борба, резултира со побуни, востанија и општонародна сплотеност во одбрана на “светото дело“ – автономијата на Македонија во рамките на Отоманската империја, како прв чекор кон конечното присоединување кон единствената бугарска држава. Сѐ до почетокот на дваесетите години од минатиот век, тоа е идеја-водилка на македонските револуционери, за подоцна, под влијанието на изгубените војни на Бугарија, таа се преформулира како идеја за слободна и независна држава на Балканот. Апогејот на таа мисла и нејзината конкретизација, најдобро е претставена во делото на последниот лидер на организацијата Иван Михајлов, “Македонија-Швајцарија на Балканот. Подоцна, низ годините на комунистичкото време, антибугарските власти во НРМ/СРМ таа идеја ја трансформираат како идеја за слобода на сите народи во Македонија, додека за бугарскиот етнос-носителот на идејата за слобода-е определено местото на непријател на државата и народот. Така барем гласат насловите на бројните пресуди на етничките бугари и членови на ВМРО, изречени по 1945 година. Режимот на Колишевски по 1945 година, авторитарен и шовинистички, поддржан од тиранинот Јосип Броз, го отвора процесот на неказнето гонење и убивање на сите македонски патриоти со бугарска национална самосвест. Тој прогон трае до денешен ден, прогон во кој умира есенцијата и го снемува цветот на македонската интелигенција.
3. Денес, 36 години по падот на тоталитарниот југословенски/македонски режим и нашето патување кон “новото плуралистичко, повеќепартиско и слободно“ општество, македонските бугари сеуште ги бараат своите права. Современата македонска држава го чествува името на ВМРО и неговите творци, но ја пренебрегнува нивната етничка припадност, маскирајќи ги под називот “македонци“, а истовремено жестоко ги гони македонските бугари, вистинските наследници на славното вмровско дело. Истовремено, политичката партија која го носи името ВМРО, ја турка земјата во прегратките на српското великодржавие и српската националистичка и шовинистичка идеја за “српскиот свет“, имагинарна измислица за комтинуитет на српското великовластие на пространствата на ексЈугославија од 1918 година наваму. Тоа е политчка бласфемија со едно славно и трагично име на македонскиот народ, на македонските бугари и современата историја!
4. Тежок, трагичен и облеан со крв е патот на ВМОРО/ВМРО, сличен на историскиот пат на сите револуцинерни организации. Од петмината основачи на Организацијата, само д-р Христо Татарчев доживеал да го види трагичниот резултат од над полувековната борба на Организацијата. Во родниот Ресен, во старата семејна куќа ги видел новите “ослободители“, македонските партизани и по дискретно барање на семоќната УДБ- ја напуштил комунизирана македонска територија и заминал во емиграција, во Торино, Италија, каде починал и бил погребан. Другите поминале многу полошо. Иван Хаџиниколов, не можејќи да се справи со својата совест заради неуспешното Востание и поразот на Бугарија во Балканската и Првата светска војна, извршува самоубиство. Христо Батанџиев е уапсен од грчката солдатеска по трагичната Втора балканска војна во 1913 година, за на патот на прогонство кон остров Трикери да биде фрлен во морето…неговите останки никогаш не се пронајдени, морето е неговиот гроб. Во релативно зрели години, од природна смрт умираат Антон Димитров и Петар Попарсов. И двајцата се закопани на софиските гробишта. Само Дамјан Груев, загинат во битка со Османлиите е закопан на планините близу до селото Русиново. Освен него, никој друг од првите херои, носители на идејата и револуцијата, не е закопан на македонската земја.
5. Денес македонските бугари се соочени со ароганцијата и насилството на еден режим кој ги присвојува нивните историски заслуги, истовремено елиминирајќи ги од општествената средина. Маргинализацијата, стигмата, говорот на омраза и физичкото насилие врз македонските бугари е реалноста на моментот и периодот во кој живееме, сето тоа по 133 години херојската борба и саможртва на нашите предци.
Некои од помладите си заминуваат, за никогаш да не се вратат…и тие ќе бидат закопани на туѓа земја.
Дали е тоа проклетството на праведните?!
