Софија го освои третото место меѓу најдобрите божиќни дестинации во Европа
Софија го освои третото место меѓу најдобрите божиќни дестинации во Европа за сезоната 2026/2027. Бугарската престолнина доби 223.100 гласа во меѓународниот избор на European Best Destinations, само 610 гласа помалку од второпласираната Рига, соопшти градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, пренесува Пиринско.
Првото место го освои романскиот град Крајова со 542.821 глас. По Рига и Софија следуваат Wonderland Lisboa со 222.447 гласа и италијанските градови Асти, Говоне и Сан Дамијано д’Асти со 211.684 гласа. Во гласањето учествуваа патници од 176 земји, кои за само осум дена дадоа вкупно 1.897.783 гласа.
Признанието за божиќната програма доаѓа набргу по уште еден успех на Софија. Во октомври бугарската престолнина беше избрана за најдобра европска дестинација за краток градски одмор во 2027 година во изборот „Best City Break in Europe“ на European Best Destinations.
Меѓу причините за интересот за Софија се божиќните базари, локалните традиции, културната програма, празничното осветлување и близината на планината Витоша. За оваа зима во градот се планирани повеќе базари, двојно повеќе украси, концерти, претстави, лизгалишта и настани за целото семејство.
Општина Софија за првпат ја обедини празничната програма на градот на посебна онлајн платформа со интерактивна карта и календар на настани. Преку неа жителите и посетителите на Софија можат да планираат кои базари и настани ќе ги посетат.
„Новото признание е успех за Софија и за сите што придонесуваат за развојот на туризмот и културата, како и за меѓународниот углед на градот“, соопшти Општина Софија.
Покрај меѓународните признанија, расте и интересот за Софија како туристичка дестинација. Од јануари до септември 2026 година бугарската престолнина ја посетиле повеќе од 1.051.000 туристи, покажуваат податоците на Општина Софија за првите девет месеци од годината.
Во изборот за најдобри божиќни дестинации, Софија се најде пред повеќе познати европски градови, меѓу кои се Лисабон, Саламанка, Бриж, Мадрид и Салцбург. Според European Best Destinations, во празничната сезона посетителите на бугарската престолнина можат да уживаат во градските настани и културните манифестации, а од центарот имаат и лесен пристап до планината Витоша.
