Софија пред Берлин за РСМ: Строго почитување на договорите, нема да отстапиме од нив, Скопје се оддалечува од ЕУ
Бугарија има многу јасен и конзистентен став во однос на европската интеграција на РСМ, заснован на потребата од строго спроведување на европскиот консензус од јули 2022 година. Ова го изјави заменик министерот за надворешни работи на Бугариja Иван Кондов на средбата со Мануел Сарацин, специјален претставник за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Германија, јавува БГНЕС.
За време на средбата бугарската страна истакна дека нема намера да поставува „нови услови“, но и нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои првиот е вклучувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите заедници во Уставот на Република Северна Македонија.
Бугарската страна изрази загриженост дека честите изјави на владините претставници во Скопје, со кои се доведува во прашање исполнувањето на обврските и правењето провокации кон Бугарија, само доведуваат до дополнително одложување на пристапниот процес на соседната земја. Бугарската страна го нагласува и значењето на економското и транспортното поврзување во регионот и потребата од дополнителни инвестиции во оваа област.
Кондов и Сарацин разговарале за актуелните случувања во регионот и можностите за соработка меѓу Бугарија и Германија за обезбедување регионална безбедност и стабилност. Кондов ја потврди поддршката на Бугарија за зголемената посветеност на ЕУ за зајакнување на стабилноста на земјите од Западен Балкан во контекст на геополитичкото опкружување, како и за политиката на проширување заснована на принципот на сопствени заслуги во исполнувањето на поставените услови и критериуми.
Фото: БГНЕС
