|

Соња Симовска избрана за в.д. државен јавен обвинител: „Таа е вистински професионалец“, рече претседателката на Советот на јавните обвинители

Едногласно со девет гласа „за“, Советот на јавните обвинители ја избра Соња Симовска за в.д. државен јавен обвинител. Таа ќе го наследи Љубомир Јовески.

Според нив, Симовска е најсоодветна да ја извршува оваа функција сѐ до именувањето јавен обвинител на Република Северна Македонија.

„Јавниот обвинител Соња Симовска, која на денешната седница на Советот на јавните обвинители е определена за вршител на функцијата до именувањето јавен обвинител на Република Северна Македонија, е обвинител што има долгогодишно искуство, докажана е во својата професија како вистински професионалец, ги познава добро состојбите во Јавното обвинителство. Таа поседува и менаџерски способности, сметаме како членови на Советот дека јавниот обвинител Соња Симовска успешно ќе ја извршува функцијата до именувањето јавен обвинител на Република Северна Македонија“, изјави претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.

Како што објасни Димитриеска, барањето за давање мислење е пристигнато во Советот на јавните обвинители, рокот по закон е 15 дена за Советот да даде образложено мислење, позитивно или негативно, во писмена форма за секој од кандидатите што се пријавил и кој ги исполнуваат условите во согласност со законот.

„Пријавени се тројца кандидати, Советот, по разгледување на барањето, ќе го почитува рокот и ќе го даде мислењето до Владата“, додаде претседателката.

„За вршител на функцијата јавен обвинител може да биде определен еден од јавните обвинители, кој е од редовите на Јавното обвинителство на РСМ. Еден од тие е Соња Симовска. Ние како членови на Советот ги познаваме јавните обвинители, ја следиме нивната работа. Од сите податоци достапни за јавниот обвинител на Симовска, од личното познавање на членовите на Советот и јавните обвинители, се доби впечаток кај сите членови на Советот дека таа успешно ќе ја извршува оваа функција до именувањето јавен обвинител, со оглед на нејзиното долгогодишно искуство и докажаните резултати во работењето“, одговори Димитриеска на прашањето како Советот стигнал до името на Соња Симовска за да биде избрана за в.д. државен јавен обвинител.

Слични Објави