СООПШТЕНИ ЕВРОПСКИТЕ НАГРАДИ ЗА ДРАМСКИ ПРЕВОД ЗА 2021 ГОДИНА

/

Европската мрежа за современа драма и превод ги соопшти резултатите од изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2021 година, меѓу кои се и три преводи на македонски јазик.

Меѓу 343 пријавени преводи од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски.

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно девет предложени преводи, од кои како најдобри ги избра:

– „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски на Атанас Вангелов,

– „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски на Катица Гароска Ацевска и

– „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски на Благојa Бошковски.

Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитети се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/црногорски/српски/хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана.



Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година.

Изборот на најдобри драмски преводи во Европа за 2021 година му е посветен на Марсел Куртијаде (1953-2021), француски лингвист, предавач на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, член на Еуродрам и познат истражувач и афирматор на ромскиот јазик и култура.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2021 година е достапен на http://eurodram.org/2021-selections/

Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.

Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар од Скопје; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.

Претходна статија

ГРУБИ ДЕНЕС И УТРЕ ВО ТИРАНА

Следна статија

ЗАЕВ: ПРИСТИГНУВА ПРОЛЕТТА И СЕРИОЗНА РЕФОРМА НА СДСМ

Најново од Вести