|

Општина Аеродром воведува модернизиран систем на јавно осветлување

Општина Аеродром започнува постапка за воспоставување јавно-приватно партнерство за реализација на проектот „Модернизација на јавното осветлување“. Оваа одлука беше изгласана денеска на седницата на Советот на Општина Аеродром.

„Со овој проект ќе се воведе нов, модернизиран систем на јавно осветлување со примена на современи технологии за автоматизација, управување и поставување штедливи светилки што ќе овозможи подобро осветлени улици, поголема безбедност и значителна енергетска ефикасност“, соопштија од Општината.

Преку моделот на јавно-приватно партнерство, приватниот партнер ќе ја преземе обврската за финансирање, управување и одржување на системот, како и трошоците за електрична енергија во одреден период, што претставува одговорен и одржлив пристап кон модернизацијата на инфраструктурата.

„Оваа инвестиција значи: помала потрошувачка на електрична енергија, современ систем за контрола и автоматизација, поквалитетно и поефикасно јавно осветлување, поголема безбедност за граѓаните и модерна и зелена урбана средина. Постапката ќе се реализира транспарентно и согласно со законските процедури, преку отворена постапка, со цел избор на најповолно решение за граѓаните на Општина Аеродром“, велат од Општината.

Слични Објави