СОРАБОТКА ПОМЕЃУ CONSERVATIVE.MK И ЧЕШКАТА ОДС

Интервју Истакнато Позиција

Почитуван господине Клемпир, пред сè би сакал да Ви се заблагодарам за издвоеното време и за тоа што се согласивте да одговорите на неколку прашања за нашиот идеолошки и аналитички центар Conservative.mk.

  1. Би сакале ли да ни кажете нешто повеќе за себеси и за Вашата позиција во ОДС (чешката Граѓанска демократска партија, главната либерално-конзервативна политичка партија во Чешка и членка на АКРЕ)?
  • Уште од мојата дванаесетгодишна возраст во мене се појави интерес за политиката, а подоцна и решив да студирам политички науки на Економскиот универзитет во Прага. Мојата втора пасија е новинарството. Оттука, уште додека бев студент, пишував колумни за студентското списание. Потоа се вработив во една од најпопуларните чешки телевизии „Тв Нова“, каде што бев новинар, а потоа и репортер. Но, сепак она што најмногу го будеше мојот интерес е политиката. Член сум на ОДС од 2016 година, така што им пристапив со барање да ми дозволат да помогнам во нивната предизборна кампања, со оглед на тоа што веќе имав стекнато искуство во областа на аналитичкото новинарство. Во наредниот период ми понудија позиција на политички аналитичар, каде што веќе работам една година. Мојата обврска е да ги прегледам и резимирам новите документи и закони поврзани со работата на државните тела и дополнително собирам информации за новинарски колумни во врска со политичката состојба.
  1. Conservative.mk, како идеолошка организација која се залага за слободна пазарна економија, класичен либерализам и конзервативни вредности во Република Македонија, е многу заинтересирана за поимот за идеологија. Би можеле ли накратко да ни ги објасните главните начела за кои се залага Вашата партија и причините зошто членството силно верува во нив? 
  • Ние сме либерално-конзервативна партија. Тоа значи дека промовираме слободен пазар, ја почитуваме слободата на секој поединец да си ги остварува соништата и целите. Убедени сме дека личната иницијатива [но и личната одговорност] се клучни за успешна економија и за среќно општество. Меѓутоа, ние веруваме и во конзервативниот идеал. Познато е дека во минатото се создаени одредени вредности кои се универзални и основни за секое општество. Таква вредност е семејството – фундамент на еден период од нашиот живот, од детството, па сè до „озбилните“ години.
  • Исто така, ние веруваме во нашите корени, корените на нашето општество, држава и нација. Мислам дека заедничкиот национален идентитет во едно општество е многу важен за да ги сполотува луѓето и да создава подеднакво за сите. Таквиот национален идентитет не е национализам, туку природен патриотизам, кој сè повеќе расте во Европа. Мислам дека ова е основа на десничарската партија, а ние сме единствените во Чешка кои вистински се придржуваат кон ваквата идеологија.
  1. Конзерватизмот расте ширум Европа, во многу земји како: Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, па дури и Германија. Би сакале ли да ни кажете како младите во Вашата земја гледаат на оваа идеологија? Дали постои поддршка од младите за конзерватизмот, во однос на некои други идеологии, како социјализмот?
  • Зависи од тоа со кого и каде разговарате. Кога ќе ги прашате младите во нашиот главен град, Прага, многумина не се конзервативци. Тие најчесто се либерални по своите убедувања, па дури и прогресивни. Некои мислат дека доколку верувате во националниот идентитет, всушност сте националисти или радикалци. Но, кога ќе излезете од границите на главниот град и ќе се сретнете со млади луѓе од помалите места, ќе увидите дека тие се многу поконзервативни. Од друга страна, пак, тие истите посакуваат и еден вид социјализам, односно голема држава. Па на овој начин е поделено и нашето општество. Сепак, мислам дека и во европските земји и во Чешка постои зголемен интерес за националниот идентитет, сѐ повеќе се цени потеклото и сѐ повеќе се јавува грижата за нештата на национално ниво, наместо на наднационално. Во нашата земја, најмалку кај еден дел од населението (50–75%). (Целото интервју прочитајте го на www.conservative.mk)