|

Спасовски од Порторож: Границите на Македонија и на целиот регион се контролирани

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Порторож, Република Словенија, учествуваше на двете сесии од 11. неформален состанок на министри за внатрешни во рамките на процесот „Брдо“, со обраќања и одговори на прашања од организаторите.

Во рамките на првата сесија, со наслов „Патот напред кон регионалната соработка во борбата против шверцувањето мигранти“, Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи ги развива своите капацитети за соодветен одговор во сузбивањето на организираните криминални групи, континуирано подобрување на меѓународната соработка со посебен акцент на соседните земји преку склучување мултилатерални и билатерални договори за соработка при спроведување истраги за шверцување мигранти.

„Како МВР ја подржавме иницијативата на Република Словенија за воспоставување мрежа на национални контакт точки за да се насочи и координира размената на оперативни информации, особено и од аспект на активностите при формирање заеднички истраги за сузбивање меѓународни организирани криминални групи. Предлогот за вклучување други надлежни органи, односно Јавното обвинителство кое како институција има огромна важност во размената на искуства, модус операнди, исто така го подржуваме имајќи предвид дека јавниот обвинител може значително да придонесе во продлабочување на меѓусебната оперативна соработка и во ефективност на истрагите  што ги спроведуваме, и тоа не само во областа на шверцување мигранти“, рече Спасовски.

Во однос на употребата на наменски аналитички алатки, тој истакна:

„Би сакал да напоменам дека во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во тек е унапредување на интегрираниот пристап на меѓуинституционална размена на податоци. Континуираното унапредување аналитички системи од конкретни позитивни пракси е секогаш добредојдено и во оваа насока ја поддржувам и одлуката на директорите на полициските служби за користење на платформата ‘Шеар поинт’ (Share Point)“, рече Спасовски, при што констатира дека соработката со словенечките експерти се продлабочува и дека е полезно да се искористи нивната експертиза и искуство за унапредување на постојните капацитети за водење истраги и сигурна размена на податоци меѓу надлежните национални служби, побрзо идентификување на шверцерите на мигранти и откривање членови на организирани криминални групи.

Во втората сесија на тема „Кон холистички пристап за управување со враќањето и соработка за реадмисија со акцент на доброволно враќање и реинтеграција“, Спасовски ја истакна досегашната поддршка на меѓународната заедница, особено на Европската комисија и земјите членки, кои имаат огромен удел во оперативното постапување и брзата и навремена размена на податоци, како и во зајакнувањето на прекуграничната соработка.

„Време е да кажеме дека границите на Република Северна Македонија и на целиот регион се контролирани и дека е постигнат значителен успех во управувањето со миграциите. Оваа премиса ќе важи кога, меѓу другото, ќе биде воспоставен ефикасен механизам за враќање, доброволно и присилно, во земјите на потекло, како еден од главните предуслови за ефикасно управување со илегалната миграција, ќе постојат ефикасни политики за реадмисија како важни аспекти на управувањето со миграцијата и областите во кои сите ние се соочуваме со сериозни предизвици поради неможноста ефикасно да се вратат дел од илегалните мигранти во нивните земји на потекло. Главната причина за овие предизвици е немањето договори за реадмисија или нивното неспроведување и неможноста да се утврди идентитетот на мигрантите, односно по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји“, рече Спасовски.



Слични Објави