СПОНЗОРИРАНА МИТОЛОГИЈА
Кога научник се обидува преку „ефтина поезија„ да расветли одреден настан од минатото, свесно или несвесно, ги минимизира и настанот и учесниците во истиот. Особено ако станува збор за трагични настани, војни,жртви, несреќи…станува составен дел од “ревизионизмот„ против кој наводно се бори. Тој вид на „слобода„ по правило е резервиран за „државните научни работници„. Ним фактите,истражувањата, сомнежите, не им се неопходни во „академската кариера„ неретко, тие се непотребни, но, не и непремостливи пречки. За жал (а можеби и за среќа) нам тој тип научници не ни недостасува, напротив.
Граѓанската војна во Грција(1946-1949) е еден од тие настани кои за жал најчесто се злоупотребува. Ние имаме премногу „поезија„ која е исполнета со „колежи, монархофашисти, фашисти, херојски битки, деца бегалци…„ сето тоа спакувано во научни трудови, зборници, собрани дела и сл. Во сета таа „научна митологија„ човек тешко ќе разбере нешто за завојуваните страни,за сојузништвата, политичките и воените цели,дури и мотивите исчезнуваат пред очи. Но, тешко дека ќе пронајдеме објективен научен труд кој се занимава со потпишувањето на Пакт токму со истите тие „монархофашисти и фашисти„ само неколку години по завршувањето на Граѓанската војна во Грција (Балкански Пакт 1953 – ФНРЈугославија,Грција,Турција) Се разбира, над очекувањата е дека еден таков настан со сите негови последици (и придобивки) во минатото би бил „добар почеток на една успешна кариера„.
Веројатно најжилав и најдолговечен е митот за КПМ (Комунистичка Партија на Македонија) и нејзината прогресивност, авангардност и се разбира,нејзиниот антифашизам. Веројатно мнозина од членовите на КПМ имале човечки одлики со кои секој човек би се гордеел, но систематското „идеологизирање„ го лишило тоа движење од вообичаената човечка емпатија. Митот, конечно го поразил поединецот за сметка на колективитетот предводен од една рака „безгрешни божества„ кои умеат и знаат се во името на класата.За разлика од Граѓанската Војна во Шпанија (1936-1939) кога комунистите се приклучиле кон Интернационалните Бригади(за нивната улога другпат) при нападот на Полска,Финска и Балтичките земји од страна на Советскиот Сојуз,(1939-1940) тешко дека ќе пронајдеме некаква реакција не само од КПМ, туку воопшто од нејзините компартии и во Европа. Впрочем, еден од најзлогласните настани од тој период е Катинскиот Масакр(5 март 1940) во кој се погубени околу 20000 Полјаци од страна на НКВД (Народниот Комесаријат за Внатрешни Работи)
Апологетскиот пристап секогаш се обидува да „релативизира„ како контра тежа на научниот пристап кој се обидува да „објективизира„ како неопходен услов, меѓудругото и за интерпретација.
Не дели помалку од една седмица, кога низ Европа ќе се одржат комеморации во спомен на сите, ќе повторам, во спомен на сите жртви од Големата Војна. Освен во Македонија. Или да бидам појасен. Дипломати и воени аташеа од неколку европски држави,заеднички ќе го одбележат крајот на Првата Светска Војна, ние како држава ќе понудиме неколку цивилни(можеби и воени лица) да споделат ред два од востановената митологија. Ниту збор за оние кои служеле како војници,офицери и генерали.
Инфантилниот,наивниот пристап е симпатичен кај децата.Кај возрасните обично се манифестира како несигурност, но, страниците на Трибуна сеуште не се квалификувани за медицински совети!
Автор: Ѓорѓи Трендафилов