Средба Нејнски-Вадефул: Бугарија ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, напредокот да зависи од постигнатите резултати
Министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Неjнски, се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, во рамките на неформалниот совет на министрите за надворешни работи на Европската унија, кој денеска се одржа во Украина.
Во текот на средбата, акцент беше ставен на проширувањето на Европската унија и институционалните реформи што се неопходни во тој процес.
Министерката Неjнски ја истакна доследната поддршка на Бугарија за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, нагласувајќи дека напредокот треба да се базира на постигнатите резултати и почитувањето на утврдените критериуми, соопшти Министерството за надворешни работи.
Двајцата министри ги потенцираа односите засновани на стратешко партнерство меѓу двете земји, како и продлабочувањето на соработката во области како што се одбранбената индустрија, инфраструктурата, енергетиката, иновациите и научните истражувања.
„Ние високо ја цениме поддршката на Германија во процесот на модернизација и превооружување на бугарската армија, вклучително и во рамките на иницијативата ‘Европски небесен штит’“, изјави министерката Неjнски.

