Средба Османи-Путрај: Соработка со Хесен и поддршка за евроинтеграциите

/

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска оствари средба со Лусија Путрих, државна министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен во Сојузна Република Германија.

Во фокус на разговорите, како што соопштија од МНР, биле перспективите за идна соработка со покраината Хесен, по урнек на одличната соработка што Северна Македонија ја развива со германските покраини Баварија и Северна-Рајна Вествалија. Покрај политичкиот дијалог, акцентот на средбата бил ставен и на економско – финансиската соработка, имајќи предвид дека Хесен е банкарски центар во Сојузна Република Германија и Европа.

– Очекуваме соработката со покраината Хесен да ја облагороди нашата севкупна соработка со Германија, која е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, но и наш најголем сојузник изминатите три декади, подвлекол министерот Османи.

На средбата, државната министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен била запознаена и со спроведените реформи и активностите кои Република Северна Македонија ги презема, со акцент на тековниот скрининг во рамки на Европската Унија, а во насока на заокружување на членството во Унијата.

Во овој контекст Османи изразил благодарност до Германија како гласноговорник на евроинтегративните приоритети на Северна Македонија, и посебно улогата на Германија како патрон на Берлинскиот процес, кој е движечка сила на евро-агендата во земјите од Западниот Балкан.



Државната министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен, Лусија Путрих се осврнала на можностите за меѓусебна економска соработка, истовремено уверувајќи дека германската континуирана поддршка на евро-интегративните процеси на нашата земја ќе продолжи и во иднина, со оглед дека Северна Македонија постигна голем напредок на овој план.

На средбата станало збор и за други актуелни меѓународни теми, меѓу кои, политичко-безбедносните и економските ризици како последица од руската инвазија врз Украина, улогата на НАТО во Европа, како и за мултилатералната соработка, со акцент на претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година.

Извор: Zoom.mk



Претходна статија

Германија ги одложува мерките за ограничување на брзината на движењето на возилата

Следна статија

ЗНМ: Колегата Адеми повторно попречен во својата работа – МВР итно да истражи

Најново од Вести