Стејт департмент: САД и Бугарија ќе соработуваат во борбата против дезинформациите
САД и Бугарија вчера потпишаа Меморандум за разбирање со кој се зајакнува соработката во борбата против странската манипулација со информации, соопшти прес-службата на Стејт департментот, пренесува БТА. Меморандумот за разбирање е потпишан од помошникот државен секретар за односи со јавноста и јавна дипломатија Лиз Ален и бугарскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Марија Габриел, обезбедува солидна основа за двете земји да работат заедно против ширењето на дезинформации и медиумски манипулации, кои се растечка закана во Централна и Источна Европа.
Меморандумот за разбирање е знак на посветеноста на Соединетите Држави и Бугарија да развијат заеднички пристап за подобро идентификување на странските дезинформации и градење заеднички механизми за спротивставување на заканата што таа ја претставува. САД и Бугарија прифаќаат дека авторитарните влади манипулираат со информации и шират дезинформации за да влијаат на луѓето ширум светот. Овој Меморандум ја покажува посветеноста на Соединетите Американски Држави и Бугарија да работат заедно и со други истомисленици за да се спротивстават на манипулацијата со информации. Оваа соработка вклучува креирање национални политики, поддршка на граѓанското општество и мултилатерален ангажман.
Со церемонијата на потпишување на Меморандумот за разбирање заврши втората сесија на Бугарско-американскиот стратешки дијалог, одржана во Стејт департментот на 25 септември, а се одбележа и 120-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу САД и Бугарија, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Стејт департментот.