Стипендии од 665 евра месечно за олимписките лауреати што ќе одлучат да студираат во Бугарија
Најталентираните бугарски ученици – лауреати на меѓународни олимпијади – ќе можат да добиваат месечна стипендија од 665 евра доколку одлучат високото образование да го продолжат во Бугарија. Ова го соопшти министерот за образование и наука на Бугариja Красимир В’лчев на форумот „Модерно високо образование преку одржливо финансирање за квалитетна настава, академски стандарди и партнерство во институционална средина“ во Пловдив.
Тој ја претстави програмата на Министерството „Избирам да студирам во Бугарија“, чија цел е задржувањето на талентираните млади преку финансиска поддршка за носителите на златни, сребрени и бронзени медали во дисциплините математика, информатика, физика, хемија, биологија, астрономија, лингвистика, филозофија, географија и науки за Земјата, како и вештачка интелигенција.
Министерот истакна дека наместо да се финансира образованието во странство, државата инвестира во тоа младите да останат и да студираат во Бугарија. Според него, одлуката не зависи само од стипендиите, туку и од перспективите за професионален развој, кои сè повеќе млади ги препознаваат во земјата. Како позитивен пример го наведе Институтот INSAIT при Софискиот универзитет, кој задржува домашни таленти во информатичките технологии и привлекува студенти од целиот свет.
В’лчев потсети дека Министерството спроведува политика за насочување на кандидат-студентите кон клучни професионални области за општеството и економијата. Резултатите веќе се видливи: во тековната академска година бројот на прва година студенти по медицинска сестринска струка е зголемен за 36%, а целосно е пополнет и државниот прием за идни лекари со договори со бугарски болници.
Значителен раст е регистриран и во други дефицитарни насоки: металургија – 22%, електроника, електротехника и автоматика – 14%, енергетика – 7,5%, хемиски науки – 34%, физички науки – 18% и општо инженерство – 10%.
Министерот нагласи дека во последната година соработката со ректорите и синдикатите била насочена повеќе кон реформи отколку кон прашања за плати и финансирање. Фокусот бил ставен на тоа системот подобро да му служи на општеството, да се зголеми научната дејност, да се привлечат странски студенти, да се оптимизираат наставните програми и да се подигнат академските стандарди, со цел континуирано подобрување на квалитетот и авторитетот на бугарските универзитети.
Форумот беше организиран под покровителството на Обласната администрација во Пловдив, со поддршка на Здружението на државните високи училишта, синдикатите при КНСБ и КТ „Подкрепа“, како и Националното претставништво на студентските совети.

