Стоилковски: Владата плаќа 40 милиони евра на фирма водена од странски конзул
Во врска со излевањето на 40 милиони евра од буџетот, под ставка „софтверски лиценци”, денеска прес конференција одржа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Стоилковски рече дека СДС и Владата молчат дали основата за 40 милиони евра за три години е колегијалноста на Димитар Ковачевски со првиот на Аитоникс, Марко Андонов, со кого се колеги професори од ист приватен универзитет. Тој додаде дека една година откако фирмата Аитоникс добива договор на 15 милиони евра, Владата го именува Марко Андонов, од Аитоникс, за почесен конзул на Грузија во Македонија, односно тој добива дипломатски статус, со задача да ги промовира интересите на странската влада што го назначува и добива заштита и поволности и им обезбедува на дипломатите иста онаква како што имаат оние од кариера.
– Владата на Ковачевски годинава потпишува втор договор тежок 25 милиони евра, со фирма каде првиот во одборот на директори е колега на премиерот и притоа конзул на странска држава. Тој договор е за лиценци за компјутерски програми и би требало да гарантира популарно кажано сајбер безбедност, рече Стоилковски и додаде дека овој скандал е поголем од набавката на МВР на компјутерска опрема од семејна фирма на човек од црната листа на САД.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Македонија овие три години беше поплавена од информации од власта за сајбер напади, Македонија беше сведок на нефункционални системи во администрацијата, беа напаѓани министерства, општини, со месеци образованието беше под закана за бомби во школите и тоа остана нерешено, ама затоа Владата плаќа 40 милиони евра на фирма водена од странски конзул од држава која не е членка на НАТО и е во специфична состојба и односи со Русија.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа институциите сериозно да се позанимаваат со оваа набавка бидејќи постојат сериозни индиции за влијание и за корупција.