Стојаноски: Комисијата за поскапувања не знае да нè извади од енергетската криза во која не втурна
Денес во Собранието ќе се разгледува финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски рече дека оваа Комисија треба да е независно тело кое ќе го регулира пазарот на енергенсите, но тоа не е случај кај нас. Обвини дека членовите и претседателот на оваа комисија се партиски членови на СДСМ и ДУИ кои бранејќи ги криминалите на врхушката во ЕЛЕМ и МЕПСО одлучиле цената да ја платат граѓаните.
Стојаноски додаде дека во овие моменти Република Македонија се наоѓа во енергетска криза и криза во снабдувањето со топлинска енергија, две кризи кои се директно поврзани со работата на Регулаторната комисија за енергетика.
„Во надлежност на оваа комисија е следење на состојбите и функционирањето на пазарите на енергија, а сведоци сме како месеци наназад истите луѓе од РКЕ нè убедуваа дека нема да има покачувања на цената на струјата, дека државата ќе обезбеди струја, дека ќе жителите на Скопје нема да имаат проблеми со парното и ред други лаги кои сега сите ние ги чувствуваме по џебот. Регулаторната комисија за енергетика откако на власт е двоецот СДСМ – ДУИ комотно може да го смени своето име во Комисија за поскапувања“, рече Стојаноски.
Тој потсети дека струјата од 1 јануари поскапи по трет пат и рече за само 18 месеци плаќаме над 30 проценти повисока струја од претходно. За горивата, како што додаде, сведоци сме дека секој понеделник чекаме колкаво ќе биде покачувањето или, пак, кога цената на нафтата е пониска на светските берзи власта ја зголемува акцизата.
„Цената на парното се покачи за 15 отсто, но корисниците на оваа услуга велат дека радијаторите им се ладни како никогаш досега“, додаде Стојаноски.
Според опозициската партија, Комисијата за поскапувања нема кредибилитет и знаење за да ја извади државата од енергетската криза.
