Стојаноски: Растот на реалната плата е двојно поголем со ВМРО-ДПМНЕ отколку за седум години со СДСМ, а инфлацијата е 30% пониска
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција истакна дека економските показатели јасно го демонстрираат напредокот на државата под водство на неговата партија, при што растот на реалната плата е двојно поголем во последната една година во споредба со седумте години власт на СДСМ, а инфлацијата е за 30 проценти пониска.
„Растот на реалната плата е двојно поголем за една година со ВМРО-ДПМНЕ отколку за 7 со СДСМ, а инфлацијата е 30% помала,“ изјави Стојаноски.
Тој појасни дека во периодот јули 2024 до јули 2025 растот на реалната плата изнесува 6,7%, додека во периодот јули 2017 до јули 2024 тој раст бил само 3,5%. „Реалната плата е вистинската куповна моќ на платата, не номинален износ, туку вредностен,“ нагласи Стојаноски.
Притоа ги посочи клучните фактори кои го одредуваат овој тренд:
- инфлацијата е намалена,
- растот на економијата е забрзан,
- потрошувачката е зголемена,
- производството расте,
- довербата во економијата е голема.
„Бројките јасно покажуваат дека инфлацијата е стабилизирана и под контрола,“ рече Стојаноски. Според него, во периодот јули 2024 до јули 2025 просечната стапка на инфлација изнесува 3,6%, додека во периодот јули 2017 до јули 2024 таа била 4,8%.
„Бројките се многу јасни. Во време на СДСМ добро им одеше само на неколкумина бизнисмени блиски до власта, кои беа главни тендераши. Во време на ВМРО-ДПМНЕ економијата оди напред, има раст и развој кој е сеопфатен и го чувствува секој граѓанин,“ изјави Стојаноски.
Тој додаде дека промените ја трансформираат Македонија и оти државата оди напред.
