Столтенберг: Покана за Македонија по заеднички договорено решение за името

//

НАТО ќе испрати покана на Македонија за членство во Алијансата по заеднички договореното решение за спорот за името во рамки на ОН, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг за денешното издание на белградскиот весник „Политика“.

Тој, говорејќи за безбедносната состојба во светот и на Балканот, се осврнува и на неговата посета на Скопје и на аспирациите за членството во НАТО.

Вели дека Алијансата останува посветена на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и сакаме земјата да успее во тоа, додавајќи дека има позитивен импулс за прашањето за името.

– Задоволство ми е што го посетив Скопје овој месец. Остануваме посветени на поддршката на земјата на нејзиниот пат кон членство во НАТО и сакаме да успее во тоа. Ова е во согласност со одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година и повторена е во нашите декларации во Велс и Варшава. Сојузниците се согласија дека НАТО ќе испрати покана за членство во Алијансата по заеднички договореното решение за спорот за името во рамките на ОН. И неодамна видовме позитивен импулс за прашањето за името, рече Столтенберг.

Столтенберг вели дека работењето на Владата на реформите е исто така важно за НАТО.

– Од формирањето на новата Влада минатата година, видовме обновени напори во реформите. За време на мојата посета, ја охрабрив Владата да продолжи со спроведувањето на реформите кои ќе го зајакнат владеењето на правото и демократските институции. Исто така ги охрабрив сите политички партии и други засегнати страни во земјата да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог, истакна Столтенберг.

Во врска со безбедоносната состојба на Западен Балкан, генералниот секретар на НАТО констатира дека тоа е регион од стратешко значење за Алијансата.

– Остануваме целосно ангажирани, а тоа помага во промовирањето на стабилноста во регионот. Ние ја гледаме иднината на регионот во евроатланската соработка и на интеграција за оние кои го тоа сакаат. Секој народ има право да одлучи за својата иднина и да избере свои политички и безбедносни мерки. Ова е основен принцип на европската безбедност – тоа е принцип кој Русија исто така го потпиша и треба да го почитува. Проширувањето на НАТО – не е насочено против Русија, вели Столтенберг.



Натаму, во интервјуто за „Политика“ посочува дека две земји од Западен Балкан се стремат да се приклучат на Алијансата и оти „НАТО ги поддржува аспирациите и на двете и соработува со пријателите во Скопје и Сараево, за да им помогнеме на нивниот пат кон членството во НАТО.“

Според Столтенберг НАТО е посветен на зајакнување на партнерство со Србија, целосно почитувајќи ја нејзината политика на неутралност.

– Нашето партнерство расте, а заедничкото работење е во неговото јадро. Воочливо е дека НАТО и Србија се соседи кои споделуваат слични интереси и заеднички безбедносни предизвици. И тоа и помага на Србија да ја унапреди својата европска агенда. Затоа се надевам дека нашата соработка ќе продолжи понатаму во месеците и годините што доаѓаат и дека српскиот народ ќе ги прифати можностите што сето ова го носи, вели тој.

Во врска со безбедоносната состојба во светот, Столтенберг изјави дека Алијансата се соочува со „со најкомплексната и непредвидлива безбедносна ситуација во една генерација“.

– Нестабилноста на Блискиот Исток и Северна Африка, наметливата Русија што ги крши меѓународните граници и нуклеарната пролиферација на Северна Кореја и развојот на интерконтинентални балистички проектили се фундаментални закани за глобалната безбедност и стабилност. Предизвиците како што се тероризмот и сајбер-нападите не знаат за граници и тие и понатаму ја поткопуваат нашата безбедност, заклучува Столтенберг во денешното интервју за „Политика“.

Извор: ТВ 21

Претходна статија

Руски историчар ги вади од анонимност жртвите на Сталин

Следна статија

Пратенички прашања денеска во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствува

Најново од Вести