|

Судиите ќе ги образложат оставките пред колегите од Судскиот совет

Судиите Мирјана Радевска Стефкова и Зоран Герасимовски денес ќе ги образложат оставките пред колегите од Судскиот совет, а се очекува на седницата да се избере и заменик на Селим Адеми.

Герасимовски е апелациски судија, а Радевска-Стефкова е врховна судијка. Тие поднесоа оставки пред два дена, во време кога невладините организации побараа Судскиот совет да се самораспушти бидејќи ја урнисува довербата во правосудството преку секојдневните расправии и начинот на кој ги носат одлуките.

Судскиот совет во последниот месец е цел на негативни критики и од страна на меѓународната заедница, откако поранешната претседателка Весна Дамева, на 26 април, беше разрешена од функцијата. На седницата на Судскиот совет дојде до расправија кога Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика да се гласа за нејзино разрешување. Го поддржаа седум члена и тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

По скандалот реакција стигна и од амбасадата на САД. Од таму за „Макфакс“ посочија дека членовите на Советот имаат задача да изградат независен судски сектор.

По оставките на двајцата судии, Коалицијата „Сите за правично судење“ ги повика и другите членови да си поднесат оставки.



Слични Објави