Свечено испратен бугарскиот воен контингент за мисијата на НАТО во Косово
Денес, 29 јануари, во Плевен се одржа свечен ритуал по повод испраќањето на воен контингент на Вооружените сили на Република Бугарија за учество во мултинационалниот баталјон на Регионалната команда „Запад“ во состав на Стабилизациските сили на НАТО во Косово (КФОР), јавува БГНЕС. На настанот присуствуваа претставници на политичкото и военото раководство на Министерството за одбрана, како и на државната и локалната власт.
Заменик-министерот за одбрана Радостин Илиев истакна дека учеството во мисијата е „високоодговорна задача со значење за мирот и безбедноста во регионот на Западен Балкан“ и дека таа е „директна поддршка на бугарскиот интерес, на меѓународниот мир и безбедност“. Тој нагласи дека Бугарија е сигурен и одговорен член на НАТО и ЕУ и им посака „Среќен пат“ на војниците, подарувајќи икона на потполковник Дончо Игнатов.
Заменик-началникот на одбраната, генерал-лејтенант Красимир К’нев, потсети дека во КФОР учествуваат 33 држави и дека Бугарија е меѓу првите 10 по придонес со број на учесници и извршени задачи. „Секој контингент во изминатите 26 години го зголемува авторитетот на нашата земја“, рече тој, нагласувајќи го професионализмот на бугарските војници.
Заменик-командантот на Здружената команда на силите, флотилен адмирал Галин Манев, му врачи на потполковник Игнатов сертификат за подготвеност на контингентот за учество во мисијата на НАТО.
На свеченоста присуствуваше и командантот на Копнените сили, генерал-мајор Дејан Дешков.
