СВЕДОК НА НАПАДОТ ВО ВИЕНА: ОВА ГО ГЛЕДАВМЕ ВО АМЕРИКА, ИРАК И АВГАНИСТАН НО НЕ И ОВДЕ
Џими Ероглу (42) работел како келнер во неговото кафуле во близина на местото на нападот што се случи синоќа во Виена. Одеднаш, вели тој, луѓето масовно втрчаа кон кафулето.
„Моите гости беа надвор и одеднаш сите истрчаа внатре. Отидов да видам што се случува, тие ми рекоа дека има пукање”, изјави Ероглу за Си-Ен-Ен, пренесува Сител.
Тој сведочи дека потоа ѕирнал низ вратата и слушнал околу 15 истрели.
„Не можам да верувам дека сите се плашевме за својот живот“, вели тој.
Ја заклучил вратата и им рекол на сите да останат внатре. Три минути подоцна полицијата стигнала на лице место.
„Ова е нешто што го гледаме во Америка, Ирак и Авганистан, не тука во Австрија“, раскажа Ероглу.