| | |

Светилиштето на бугарскиот дух – храмот „Свети Стефан“ во Истанбул

Светилиштето на бугарскиот дух – храмот „Свети Стефан“ во Истанбул, со кој се поврзува борбата за црковна независност започната уште во 30-тите и 40-тите години на XIX век, е единствената православна железна црква во светот. Висока е 15 метри, а со камбанаријата достигнува 20 метри. Бугарскиот храм со вкупна површина од 500 квадратни метри е трикорабна базилика со крстообразна форма и богати орнаменти, изградена од железни елементи. Олтарот е свртен кон заливот Златен Рог, а над притворот се издига прекрасната камбанарија.

Железната црква е изградена кон крајот на XIX век, кога бугарската колонија во Цариград броела околу 50 илјади луѓе. Во 1849 година Бугаринот кнез Стефан Богориди, влијателен османлиски државник, ѝ подарува на бугарската заедница за црковни потреби голем двор со објекти – една дрвена и две камени градби, во цариградскиот кварт „Фенер“. Тие се наоѓаат непосредно на брегот на Златниот Рог, во близина на Вселенската патријаршија.

На 17 октомври 1849 година е издаден султански ферман со кој на Бугарите им се дозволува да имаат сопствен храм. Тогаш долниот кат од подарената од Стефан Богориди дрвена куќа е претворен во привремена капела. Подоцна таа прераснува во самостоен храм, посветен на првомаченикот и архиѓакон Свети Стефан, во чест на дарителот Стефан Богориди. Тогаш храмот станал познат како „Дрвената црква“.

Во 1850 година камените објекти во дворот на црквата биле урнати и била изградена трикатна зграда, позната како „Метох“, која подоцна станала седиште на Бугарската егзархија, основана на 27 февруари 1870 година. Егзархијата функционирала во Истанбул и по Освободувањето на Бугарија, сè до Балканската војна во 1912 година.

На 25 јуни 1890 година, со султански ферман, на Бугарската егзархија ѝ било дозволено да изгради нов храм на местото на Дрвената црква. Основниот камен го поставил егзарх Јосиф I на 27 април 1892 година. Бидејќи теренот бил нестабилен, османлискиот архитект Ховсеп Азнавур предложил конструкцијата на црквата да биде од монтажни железни плочи, наместо со бетонски темели.

Железните елементи, тешки 500 тони, биле изработени во Виена и пренесени до Цариград со брод по Дунав и Црното Море. Костурот на црквата е од леано железо, а страните се од лим. Нејзиното склопување завршило на 14 јули 1896 година.

Гледано однадвор, црквата комбинира архитектонски елементи на необарок, неоготика и византиски стил. Ентериерот исто така е изработен во Виена, а неговиот стил се смета за прв пример на „ар нуво“ во Истанбул. Иконите се насликани од руски уметник, а шесте камбани се лиени исто така во Русија, од кои две и денес одѕвонуваат.

Свеченото осветување на новата црква „Свети Стефан“ било извршено од егзарх Јосиф I на Рождество на Пресвета Богородица – 8 септември 1898 година. Денес „Свети Стефан“ е една од малкуте сочувани железни цркви во светот.

Во нејзиниот двор се погребани бугарските црковни дејци Иларион Макариополски, Авксентиј Велешки, Мелетиј Велешки и Паисиј Пловдивски.

Црквата „Свети Стефан“, која во 2018 година одбележа 120 години од своето создавање, се смета за највредниот споменик на бугарското историско и културно наследство во Турција, а и воопшто надвор од границите на Бугарија.

Слични Објави