(Видео) Бугарскиот зимски туристички центар Боровец ја отвори ски-сезоната и прослави 130 години од своето основање
Најстариот зимски туристички центар во Бугарија – Боровец, кој годинава одбележува 130 години од своето основање, официјално ја отвори ски-сезоната, јавува БГНЕС.
Курортот останува преферирана дестинација како за бугарските туристи, така и за љубителите на скијањето од соседните балкански земји. Но најголем број туристи и за најдолг период се очекува да пристигнат од Обединетото Кралство. Се очекуваат и многу гости од Израел, за кои Бугарија е една од омилените целогодишни дестинации за одмор.
За успешна ски-сезона, од клучно значење се инфраструктурата и пристапноста, а Боровец нема проблеми во тој поглед. Жичарниците работат, а цените на ски-картите се зголемени минимално – само за 5 проценти. Еднодневната карта ќе чини 54 евра. Воведувањето на единствената европска валута не би требало да има влијание, уверуваат сопствениците и на спортските објекти и на угостителските локали.
Боровец располага со три ски-центри, поврзани на најдобар можен начин за гостите, така што можат да се спуштаат таму каде што им е најпогодно според нивото на скијачка подготвеност или оптовареноста на лифтовите. Освен омилените патеки „Јастребец 1“ и „Попангелов“ (поранешна „Јастребец 2“), во последните години многу атрактивни станаа и „Мартинови бараки“, „Ситњаково“ и „Маркуџик“. Многубројни се и љубителите на ноќното скијање, кое е силно застапено во Боровец. Поради тоа, курортот нуди осум осветлени и меѓусебно поврзани патеки, кои се подготвуваат непосредно пред 18:00 часот и се идеални за скијање до 22:00 часот.
Историјата на Боровец започнува во 1896 година, кога бугарскиот кнез Фердинанд таму ја изградил својата летна резиденција и неколку ловечки колиби. Тогаш курортот го носел името Чамкорија. По кнезот, многу аристократи и богати семејства од Софија започнале да градат вили за летен одмор. Во 1942 година курортот е преименуван во Боровец – превод на турскиот збор Чамкору. Во 1948 година „Боровец“ е прогласен за национален курорт.
Во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, благодарение на успесите на бугарската скијачка легенда од Самоков – Пепи Попангелов, и на напорите на неговиот татко Петар Попангелов – постариот, Боровец се развива и како меѓународен ски-центар. Курортот неколкупати бил домаќин на трки од Светскиот куп во алпско скијање и на други големи спортски форуми. Првото натпреварување во спуст во Боровец се одржало во 1930 година, а за првпат курортот се појавил во алпскиот календар на Меѓународната скијачка федерација во 1974 година.

