Светската шампионка во ритмичка гимнастика Стилијана Николова станува амбасадор на бугарскиот туризам
Светската шампионка во ритмичка гимнастика Стилијана Николова ја прифати поканата на бугарскиот министер за туризам Илин Димитров да се вклучи во кампањата за промоција на Бугарија пред меѓународната публика.
21-годишната Николова ќе снима видеопораки во кои ќе ги претставува своите омилени места и природните убавини на земјата. Таа беше одликувана од Димитров со статуетка со златна роза по нејзиниот настап на Светското првенство во Франкфурт во август.
„За мене е голема чест и со задоволство ја прифаќам мисијата“, изјави Николова, додавајќи дека нејзината следна голема цел се Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Гимнастичарката заминува на подготовки во високопланинската спортска база „Белмекен“, а ќе се вклучи и во искачување на врвот Забчето во Источна Рила, од каде ќе претстави една од природните дестинации на Бугарија.
Во кампањата на Министерството за туризам веќе учествуваат Марија Бакалова, Карлос Насар, Христо Стоичков, Стојан Копривленски, Тервел Замфиров, Лора Христова и ДАРА.
