| |

За политичката (и економската) суштина за 33% царини од САД кон “Отворено Балканска” – анти-албанска/бугарска/грчка…и анти-западна БЈРМ

Facebook статус на Ивон Величковски

Иако тоа сакаат да го премолчат и оваа и претходната власт, нашата практична царинска унија со Србија “Отворен Балкан” (сосе уредувањето на царинските постапки меѓу Кина, Унгарија, Србија и Северна Македонија од 2015) е една од главните причини за “наградните” 33% царина од САД.

Јасно е дека трговски суфицит од стотина милиони долари во полза на Северна Македонија е само формална причина за 33% царина од првата светска економија кон нашите производи (без оглед на формулата по кои се пресметани).

Впрочем, трговски статус на „најповластена нација“ сме имале со години уште од доцните 1990-ти токму затоа што Вашингтон сака(л) развој на нашата економија и нејзина компатибилност со западната.

А кога ќе се види колкав донатор се САД за Северна Македонија изминатите години со бесповратна помош што надминува милијарда долари, работата е уште појасна: не е до трговскиот дефицит.

Царината за Албанија и Косово е три пати помала во однос на Србија, БиХ и Северна Македонија.

Договорот за царинска соработка меѓу Кина, Унгарија, Србија и Северна Македонија потекнува од Третиот состанок на шефовите на држави и влади на Кина и земјите од Централна и Источна Европа од 2015.

На овој состанок е лансирана и идејата за брзата пруга од Унгарија преку Србија и Северна Македонија кон Грција. Истата идеја чие форсирање имаше за цел да го запостави и закочи комплетирањето на Коридорот 8 од Албанија преку Северна Македонија и Бугарија кон Турција.

Со договорот за слободна трговија меѓу Кина и Србија потпишан октомври 2023 во рамките на Третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“, над 9.000 кинески и над 10.000 српски производи имаат намалени или укинати царини при нивната трговија.

Да провериме дали со „Отворен Балкан“ Северна Македонија гарантира дека од Србија не увезува пониско царинети кинески производи.

„Претседателот на НР Кина… изјави дека… е постигнат значаен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина“ – пренесоа медиумите по повод посетата на Џипинг на Вучиќ во Белград лани.

И за тоа потпишаа заедничка изјава за продлабочување и подигање на сеопфатното стратешко партнерство на Кина и Србија. Кое не е комплементарно со стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија.

Ако согласно потпишани документи стратешки партнер на Северна Македонија е САД, а на Србија е Кина, која е причината двете земји да бидат единствените членки на „Отворен Балкан“?

Логичен одговор е:

– желбата на Белград да води политика на „еквидистанца кон Брисел и Вашингтон“ потпирајќи се на Пекинг (и Москва) која за Вучиќ до сега беше надворешно-политичка гаранција за неговото владеење и

– расположливоста на Скопје до и со Мицкоски да остане бастун на Белград за регионална доминација на „српскиот свет“, во кој ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ зависат од:

А) потчинетост кон Белград,

Б) одбивност кон Атина, Приштина, Тирана и Софија,

В) Пи-аР блискост, но фактичка политичка и економска дистанца од Брисел и Вашингтон.

Затоа главен кадровик на политичарите кај Македонците е олигархијата концентрирана во Стопанската комора за која економијата и до и по 1991 завршува меѓу Богородица и Дрина – формирана од последните директори на ОЗТ-ата пред приватизацијата, диверзифицирана во здравствениот и енергетскиот сектор по транзицијата.

На површина излезе скапата цена на „Отворен Балкан“, чедото на Заев, нишкано од Ковачевски, фалено од Мицкоски, прифатено од Филипче.

Затоа и не е за изненадување што во услови на нетолеранција на Вашингтон кон „американските играчи“ во Северна Македонија што работат во интерес на Кина и Русија, на средбата на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ/СДСМ отсуствуваше опозициската ДУИ.

Едноставно, отпорот на југословенистичките ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кон Албанците во Северна Македонија покажа дека моменталниот раководен економско-политички елемент кај Македонците се уште е заглавен во 1980 година и стои на располагање за „газиместански модел“ во моментот кога на Белград тоа ќе му притреба од Скопје.

Ограничената капацитетност на југо-советската/српско-руската олигархија веќе бара концентрирање и формализирање на единството на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кон сите кои не им се под контрола (Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власти, Бошњаци… Бугари, Хрвати, Словенци, Црногорци, Торбеши, Египќанци… во Северна Македонија).

За да одржат контрола во секторите во кои се уште сметаат дека може да прават пари со буџетски субвенции или во договор со јавните компании и фондови: енергетиката и здравството.

Двете теми на кои „спонтано“ се фокусираат „работните групи“ на двете партии.

Цената за тоа сега ќе треба да ја платиме сите.

Затоа, пораката од наметнатите царини е јасна – економски е непријатна за сите во Северна Македонија, а политички скапа особено за Македонците.

Во пазарната економија и парламентарната демократија, политиката не е бизнис.

Политиката е бизнис само во автократските и недемократските системи.

За илустрација, ако суфицитот кон САД ни е само од автобусите што „Ван Хол“ ги извезува таму, подготвени сме да се откажеме од тамошните 400 вработени? И од државните субвенции што сме ги вложувале во нејзиното отворање и работење?

Задушувањето на претприемништвото кај Македонците за зависност од системот беше спроведена низ транзицијата. Пустошењето на фабриките од неспособниот менаџмент беше спроведено низ приватизацијата. Економската неодржливост и деиндустријализацијата ни се спроведуваат тековно – од партиите на Македонците, поконкретно оние чија „лидерска средба“ заврши „успешно“.

А штом била толку “успешна”, кои мерки ги предвидоа Мицкоски и Филипче по воведувањето на царините од САД? Или ќе мора да ги прашаат Азески, Чифлиганец, Анѓушев… за инструкции?

Слични Објави